Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој е голем пријател и обожавател на Путин, се соочува со најсериозната закана за неговото владеење откако се врати на функцијата минатиот октомври, при што целата опозиција ги здружи силите во средата за да предложи гласање недоверба на неговата влада.
Како што пренесува ПОЛИТИКО, посетата на премиерот во Москва на 22 декември, исто така, ги сврте некои од неговите сојузници против него, при што четворица коалициски пратеници од социјалдемократската партија Хлас (Глас) се оградија од патувањето, блокираа некои предлози за коалиција и најавија посета на Кијив.
„Патувањето на Фицо во Москва беше срам за Словачка“, изјави најголемиот политички ривал на Фицо, лидерот на партијата Прогресивна Словачка Михал Шимечка во интервју за ПОЛИТИКО.
Шимечка рече дека целата опозиција сака Словачка цврсто да се закотви во ЕУ и НАТО и дека средбата меѓу Фицо и Путин конечно ги убедила да дејствуваат.
„Словачка не е само Роберт Фицо“, додаде тој. „Има огромен број луѓе кои сакаат Словачка да биде дел од слободна и демократска Европа, да има добри односи со нашите соседи, конструктивно да ги промовира нашите интереси и да работи на зајакнување на Европа како целина, бидејќи тоа е добро и за Словачка. ”
Изгласувањето недоверба, доколку успее, ќе предизвика предвремени избори. Според неодамнешната анкета во јануари, либералната опозиција Прогресивна Словачка е најпопуларна партија во земјата со 23,9 отсто поддршка, а владејачката Смер на Фицо е на второ место со 18 отсто.
Самиот Фицо сигнализираше дека предвремените избори може да бидат опција доколку неговите коалициски партнери – Хлас и тврдодесничарската Словачка национална партија – не успеат да ги решат своите разлики во парламентот на земјата. Коалицијата има тенко мнозинство од 76 од 150 пратенички места, наспроти 71 за опозицијата и тројца независни.
Иако гласањето за недоверба мора да се одржи во рок од една недела, сè уште не е одреден датум.
Подготви: Драган Мишев / Цивил Медиа