Додека Србија се соочува со протести и нефункционирање на дел од образованието, српскиот претседател Александар Вучиќ се наоѓа во Давос на Светскиот економски форум.
Целта на Србија е да почне да користи летечки автомобили во земјата во 2027 година, изјави синоќа во Давос претседателот Александар Вучиќ, наведувајќи дека за тоа разговарал со претставници на компанијата Арчер на Светскиот економски форум, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ за српските медиуми изјави дека компанијата Арчер е „една од најпознатите што се занимава со летечки автомобили, дронови и летачки возови“.
„Почнавме да договараме купување на најмалку три авиони, а разговараме и со нашите кинески пријатели, кои веќе имаат многу развиено и имаат летечки автомобили во неколку градови. Ќе побрзаме да се обидеме до средината на 2026 година да завршиме се што е поврзано со подготовките и регулативите, за да можеме да возиме летечки автомобили во 2027 година“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека на меѓународната специјализирана изложба Експо 2027, на која тој е домаќин, Србија сака да покаже „дека е најбрзо модернизирана и најбрзо растечка земја во Европа“.
„Веќе потпишавме некаква форма на меморандум со компанијата Арчер и договоривме за Expo 2027. Ме интересираше дали машината може да биде загрозена ако дојде јато птици. Навистина не може и е многу побезбедно од хеликоптер“, додаде Вучиќ.
Дел од српските медиуми иронизираат, но и поставуваат прашања во смисла дали Вучиќ, кој во мемантов е во Давос, а во Србија се случуваат сериозни протести на просветните работници и студентите, пред да ги донесе летечките автомобили, ќе ги реши овие горливи прашања, како и некои основни работи како изградба на канализација во делови на земјата каде што е потребно.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа