Новоименуваниот сириски претседател, Ахмед ал Шара, вчера изјави дека ќе формира инклузивна преодна влада која ќе ги претставува различните заедници, ќе гради институции и ќе управува со земјата додека не се одржат слободни и фер избори.
Ал-Шара и се обрати на нацијата во својот прв говор откако во средата беше именуван за привремен претседател на земјата од вооружените фракции кои го соборија поранешниот сириски претседател Башар ал Асад во молскавичната офанзива на почетокот на декември.
Вооружената група што ја предводеше офанзивата, Хајат Тахрир ал-Шам, оттогаш воспостави привремена влада која ги поздравува високите западни и арапски дипломатски делегации кои сакаат да помогнат во стабилизирањето на земјата по 13 години граѓанска војна.
Ал-Шара во својот говор рече дека ќе формира мало законодавно тело за да го пополни парламентарниот вакуум додека не се одржат нови избори по распуштањето на сирискиот Парламент.
Тој, исто така, најави дека во наредните денови ќе формира комитет кој ќе подготви одржување на национална конференција за дијалог, што ќе биде платформа за Сиријците да разговараат за идната политичка агенда на нацијата.
-Потоа ќе следи и уставна декларација, рече тој, алудирајќи на процесот на подготовка на новиот сириски Устав.
Ал-Шара претходно изјави дека процесот на изработка на нов устав и одржување на избори може да потрае и до четири години.