Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА предупредува на назадување во заштитата на човековите права и родовата еднаквост во Северна Македонија, повикувајќи се на наодите од извештајот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) за фундаменталните права и владеењето на правото во земјата.
Извештајот е подготвен по мониторинг-посетата на делегација на ЕЕСК во март 2026 година, при која биле разгледани состојбите со човековите права, слободата на изразување и медиумите, недискриминацијата и функционирањето на владеењето на правото. Документот ги пренесува ставовите и искуствата на граѓанското општество.
ХЕРА особено ги издвојува предупредувањата за назадување во родовата еднаквост во образованието, поврзано со реакциите на институциите на ставовите на антиродовите движења. Според организацијата, отстранувањето на родовата еднаквост од образовното законодавство го ослабува системот за заштита од дискриминација и развој на инклузивно образование.
Во извештајот, исто така, се посочуваат предизвици поврзани со дискриминацијата на жените и ЛГБТИ луѓето, говорот на омраза, бавните судски постапки и недоволната институционална реакција. Кај родово базираното насилство, загриженост предизвикуваат недоволната поддршка за жртвите, благите санкции и ограничениот пристап до специјализирани услуги.
Меѓу пошироките проблеми што ги издвојува ХЕРА врз основа на извештајот се и ширењето дезинформации и антидемократски наративи, недоволното јавно финансирање на граѓанските организации и нивното ограничено учество во креирањето политики.
ХЕРА предупредува дека ваквите состојби ги поткопуваат демократските вредности и ги оддалечуваат европските интеграции од нивната суштинска цел – реална заштита на човековите права.
Организацијата повикува на враќање на родовата еднаквост во образовните политики, доследна примена на законите за заштита од дискриминација, поефикасна заштита од родово базирано насилство, мерки против дезинформациите и одржлива поддршка за граѓанските организации.
Д. Е.
ФРОНТЛАЈН






