Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека наскоро ќе одлучи дали да го исклучи увозот на нафта од Канада и Мексико од царините од 25 отсто што се закани дека ќе ги воведе утре на производите од тие земји.
– „Можеби да, можеби не. Веројатно вечерва ќе ја донесеме таа одлука, рече Трамп за тоа дали ќе воведе царини за канадската и мексиканската нафта. Тој додаде дека тоа делумно ќе зависи од цените, како и од тоа дали двете земји „соодветно се однесуваат кон САД“.
Трамп ја одреди сабота како краен рок за воведување царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада за да ги принуди двата најголеми американски трговски партнери да преземат акција за да се спречи илегалната миграција и испораката на фентанил преку нивните граници во САД.
Но, Трамп вчера рече дека царините за Северна Америка ќе бидат воведени „поради повеќе причини“ и додаде дека нивото на тарифи „може или не може да се зголеми со текот на времето“.
Тој, исто така, рече дека се уште размислува за нови царини за кинески стоки, наведувајќи ја нивната улога во трговијата со фентанил. Тој се закани со царини од 10 отсто за сите кинески стоки, откако во неговиот прв мандат воведе царини за кинескиот увоз во вредност од околу 370 милијарди долари.
– Размислувам и за Кина бидејќи тие испраќаат фентанил во нашата земја и предизвикуваат стотици илјади смртни случаи … Ние ќе одлучиме што ќе се случи, но Кина мора да престане да испраќа фентанил во нашата земја и да ги убива нашите луѓе, рече Трамп.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во 2023 година вети дека ќе соработува со тогашниот претседател Џо Бајден за да се спречи испораката на фентанил во САД. Пекинг тогаш го повика Вашингтон да преземе чекори за да ја ограничи побарувачката за дроги.