Тарифите што американскиот претседател Доналд Трамп планира да му ги наметне на Мексико ќе ги осакати пограничните економии кои се потпираат на фабриките што произведуваат стоки за САД – автоделови, медицински материјали и компјутерски компоненти – и веројатно ќе ја турнат земјата во рецесија, предупредија денеска економистите.
Заканата на Трамп за царини од 25 отсто за Мексико и Канада ги фрли во неизвесност производствените центри долж северната мексиканска граница.
„Тоа е конфликт меѓу две влади и ние сме тие што најмногу се погодени. Утре, кој знае што ќе се случи, рече возач на камион на царинскиот граничен премин меѓу Сиудад Хуарез и Ел Пасо, Тексас.
Производството во извозно ориентираните фабрики е срцето на економијата на Сиудад Хуарез, при што 97 отсто од стоката оди во САД, покажуваат податоците на мексиканското Министерство за економија.
Фабриките беа создадени во 1960-тите во обид да го поттикнат економскиот развој во северно Мексико и пониски цени за потрошувачите во САД.
„Сè што се случува во САД, нивната економска, социјална политика, директно влијае на нас, бидејќи компаниите во Мексико зависат од тоа што го продаваат во Америка“, рече работник во фабрика за автоделови во Сиудад Хуарез.
Оваа недела работниците и деловните лидери здивнаа кога мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум објави дека преговарала со Трамп за одложување на царините за еден месец.