Пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Невиден молк на земјите од ЕУ и на целата институционална и бирократска ЕУ.
Ни збор поддршка на евидентната вистинска демократија. Онаа од доле, од општествената база, од народот, посебно со српските студенти. Од студенти. Од потенцијалниот интелектуален крем на секое општество.
Наспроти доскорешните поткрепи на бројни идентични или слични демократски инклинации на кои, по правило, ЕУ им дувала силен и отворен ветер в грб, во актуелниов случај со српските студентски протести, ЕУ е во автофрустрирчки молк.
Причините се теми за умни аналитичари но, во овие неколку реда, авторот ќе се осмели да експериментира со две.
Првата, напливот на партиските идеолошки десници чиј политички менталитет, наспроти левиот либерализам, е сувереност кој се граничи со или е баш тоталитаризам класик.
И, вториот, стравот студентскиот прелиберален демократски вирус стартуван спонтано од доле, од плебисот, од граѓанската база, посебно од младешкот студентски и потенцијално интелектуален слој, да не се прелее преку српските граници и да не ги загрози комодитетите на веќе лапидарните бриселски бирократи.
Страв на тамошните естаблишменти, српскиот студентски бунт да не го инфицира нивниот домицилен полис кој би им предизвикал идентични немирни реакции какви што сега му се случуваат на тоталитарниот српски вожд и кои би им ги заматиле нивните во демократијата спечалени комотни атари.
Се’ на се’, демократската ЕУ себе си, и низ примерот со бунтот на српските студенти, веќе си се легитимира како стара, бирократизирана, инертна и исплашена од сопствената слобода.
Згора, десната и шовинизна американска Трампова политика, на ваквата, евидентно веќе загубена и за сопствената кожа исплашена Европа, и создава дополнителен грч и неизвесност за нејзиниот актуелен легислативен и фактички опстој.
Накусо, српските студенти, нивните природни младешки порови за европска демократија, за право, правда и еднаквост, практично веќе се речиси издадени.
Предадени се токму од таа самата, нели до вчера, слободна и либерална демократска ЕУ.
Поради овие актуелни состојби, српската студентска демократската револуција може бергу да издиши.
Ако тоа се случи, а е извесно дека ќе се случи доколку ЕУ и САД, а посбно ЕУ бргу, многу бргу и гласно, многу гласно, не застане зад своите темелни постулати и јавно, директно, ако сакате дрско, не ги поддржи студентските протести во тоталитизираната Србија.
Во спротивно, ќе остане времето, историјата, да бидат судот за, во оваа цивилизациска етапа, за ова предавството на европската демократијата.
Предавството на мачно стекнатите граѓанските слободи и права.
Предавство од страната на двата, на светско ниво, нејзини посветени создавачи и чувари.
Предавство на демократијата од страна на таа стара Вавилонка и од САД.