Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Можеби славата, богатството и способноста да привлекува убави жени, кај Вуди Ален зависат од гените кои ја подобруваат смислата за хумор. Во филмот Stardust Memories тој на завидливиот пријател од детството му објаснува дека пресудно било влијанието на околината: „Живееме во општество кое сака вицеви… Да сум роден како Апаш, со оглед на тоа што на нив не им биле потребни комедијанти, јас би бил без работа.”
Јас мислам дека Вуди би бил без работа и да се родел како Македонец. Но, не затоа што на Македонците не им се потребни комедијанти, напротив, ова е земја на комедијанти, но прости, селски комедијанти без смисла за хумор, што е сигурен знак дека се и без многу памет. Аленовиот хумор исполнет со префинетост, филозофичност, социјална втемеленост и провокативност тука би бил исфрлен на маргините како предавничка категорија која се спрдачи со македонскиот народ и неговата вековите борба за своја држава, идентитет и достоинство.
Замислете го Мицко во некој филм на Вуди. Во кој во еден кадар има текст колку во сите соопштенија и интервјуа на Мицко само милијарда пати поразноврсен и побогат. Мицко не би успеал да го прочита од идиотот ниту во милион обиди.
Гарантирам.
Или Весна.
Што би играла Јаневска кај Вуди Ален.
Реформаторка на школскиот систем за децата.
Тоа би било урнебесно смешно.
Мислам, самата идеја, за која Вуди би добил три оскари.
За Дафа да не правиме муабет.
Мицко на конференцијата во Минхен, се разбира, ќе приреди урнебесна комедија.
Не треба да зборува.
Само да се качи на бината.
А ако почне да говори за геополитиката ќе се случи тешко исмејување меѓу присутните дипломати и подзаскриено спрдачење со човекот за кого по излагањето за светската геополитика на никој во цела Баварија нема да му биде јасно како станал премиер на една макар и минијатурна државичка во распаѓање
И сега, репрезентацијата на најпростите Македонци, таканаречени вморони, тргнала во потрага по нова химна, нов грб и други нови заебанции кои ќе им овозможат на Македонците да умрат занимавајки се со националните дела во форма која што ја потврдува општата лудост.
Јас тврдам дека Шекспир да стане не би можел да напише химна на оваа државиче и на неговото тешко оглупавено, занесено и шашардисано, вмровизирано, што сè се синоними за иста состојба на недухот, население.
Зошто не би можел?
Затоа што нема материјал.
Што да тури во химната, а да не е смешно или тажно?
За химната е потребна епика, а ние имаме само лигава лирика од најдолен вид. Нема историја, нема остварувања, нема работи по што сме се запишале во историјата и во културната мапа на Европа, освен како некаква жртва без сочувство што ќе го овери тој статус, дупката на Павле не е за химна, Ацо-ич, манекените на вмро не се ни за во детски боенки…Антифшизмот-да, но и него го искомпромитиравме, да не речам сјебавме.
„Вековниот стремеж на македонскиот народ за своја држава” можеме да го прифатиме како поетско претерување, но на фактографско ниво мора да се каже дека тоа е една од основните лаги и просерувања кои произведуваат неверојатни количества емотивни, политички и морални проблеми.
Дури и ако земеме дека констатацијата е точна таа би била крајно проблематична затоа што би резултирала со лоши оценки за македонскиот народ и за неговата вековна борба ако резултатот дошол толку доцна и тоа со вградени елементи за проблематизирање.
Кога на тоа ќе се додадат уште двата мита, едниот за тоа дека на МПЦ и го должиме неоштетениот идентитет низ вековите и дека вмро во сто и една приказна се борел за национално ослободување и државно конституирање, ќе дојдеме до проблемот на лицето на оваа нација и оваа држава кое е напудрено со лаги за себе толку многу што во тие помади го има загубено својот реален и вистински идентитет.
Лицето на нацијата е тема.
Во Грбот можеме да го туриме цел Соренгети, за химна да ја земеме „Олвејс лук он д брајт сајд оф лајф” на Монти Пајтон и тоа во оригинал, на англиски.
Само уште три акценти за оваа прилика:
Занимациите со грбот, химната, знамето, името, не се никакви идентитетски борби туку се начин да се развлекува конституирањето на Македонија како модерна нација и држава.
Тие расправи се инструменти на смртта.
Второ, проблемите во дефинирањето на химната, на грбот и на знамето го нагласуваат расчекорот меѓу погледите на хистеризираната мнозинска заедница на Македонците и растежот на моќта на другите групации, пред се, на Албанците. И повторно, таквиот карактер на работите се користи за растеж на конфликтноста, а не за хармонизација на општеството со вистината за себе односно со стварноста.
И, конечно, власта на вмро може да прави лулашки и детски игралишта, колку сака, но, на генерален план таа власт е пластична кеса врз главата на нацијата. Или пулирапид и солна киселина врз „ѓаволската” творба, оценка на некоја српска попска будала, која нашите комити во длабочината на своето бездушие ја споделуваат и се трудат да ја одлепат нацијата од тој ѓаволски односно вештачки статус. Затоа Мицкоски рече дека македонското прашање е отворено. Отворено е за да се испразни, да истече, да остане без супстанца.
Тоа е единствената причина за блокадата на уставните промени и преговарачката рамка.
Тие се атентатори.
Македонија е тоа што пред 120 години бил Гвадалкивир.
Во однос на соседите мораме да се соочиме со вистината дека суштината на проблемите е на наша страна.
Ние сме проблемот.
Тоа не значи дека Бугарија или Србија и Грција се чисти. Не, само значи дека Македонија е проблем- статус од кој самата мора да се ослободи.
За почеток, доволно е да го прочита вмро!