На третата годишнина од руската инвазија на Украина, САД не успеаја да добијат одобрување од Генералното собрание на ОН за својата резолуција со која се повикува на крај на војната без споменување на руската агресија. Македонија, заедно со Унгарија, Грузија и Израел, e коспонзор на oвaa резолуција на САД. Наместо тоа, Собранието ја усвои украинската резолуција поддржана од Европа, каде се бара Русија веднаш да се повлече од Украина. За европската резолуција, САД гласаа „против“.
Ова претставува неуспех за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во 193-членото светско тело, чии резолуции не се правно обврзувачки, но служат како мерило за светското јавно мислење. Сепак, тоа исто така покажува намалена поддршка за Украина, чија резолуција беше усвоена со 93 гласа „за“, 18 „против“ и 65 воздржани. Ова е помалку од претходните гласања, кога над 140 земји ја осудија руската агресија.
За резолуцијата гласаа 93 држави, 65 беа воздржани, а 18 земји гласаа против, меѓу кои САД, Русија, Израел, Кина, Иран, како и држави од третиот свет, како Буркина Фасо, Јемен и Замбија. Против беа и Унгарија на Виктор Орбан и Белорусија на Александар Лукашенко. Северна Македонија беше воздржа.
Според американски официјален претставник и европски дипломат, САД се обиделе да извршат притисок врз Украина да ја повлече својата резолуција во корист на американскиот предлог, но украинската страна одбила. Потоа, Генералното собрание додаде јасен јазик во американската резолуција дека Русија ја нападнала Украина во прекршување на Повелбата на ОН.
Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Маријана Беца, изјави дека нејзината земја го користи своето „природно право на самоодбрана“ по руската инвазија, која го прекршува принципот на ОН за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
– Додека одбележуваме три години од ова разурнување – целосната руска инвазија врз Украина – ги повикуваме сите нации да останат цврсти и да застанат на страната на Повелбата, на страната на човештвото и на страната на праведниот и траен мир, мирот преку сила, изјави таа.
Заменичката амбасадорка на САД, Дороти Шеа, изјави дека повеќе претходни резолуции на ОН, кои ја осудуваа Русија и бараа повлекување на руските трупи, „не успеаја да ја запрат војната“, која „се одолжува премногу долго и со ужасни последици за народот во Украина, Русија и пошироко“.