Британската државна министерка за развој Анализ Додс денеска поднесе оставка поради одлуката на премиерот Кир Стармер да го намали буџетот за странска помош за да ги зголеми трошоците за одбрана.
Додс во образложението за оставката наведе дека намалувањата ќе го оневозможат одржувањето на развојните приоритети на Велика Британија, меѓу кои и во Појасот Газа, Судан и Украина.
– На крај, со намалувањето ќе се лишат очајните луѓе од храна и здравствена заштита, нешто што длабоко ќе ја наруши репутацијата на Британија. Знам дека јасно ставивте до знаење дека идеолошки не сте против меѓународниот развој. Сепак, реалноста е дека оваа одлука веќе е претставена како да ја следи политиката на американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на американската Агенција за меѓународен развој, објави Додс на Икс.
Стармер пред три дена најави дека британската Влада до 2027 година ќе ги зголеми трошоците за одбрана 2,5 проценти од бруто домашниот производ од сегашните 2,3 отсто. Зголемувањето ќе се финансира со намалување на буџетот за помош од 0,5 отсто од БДП на 0,3 проценти.
Хуманитарните организации соопштија дека се згрозени од одлуката на Стармер, која според нив ќе му наштети на британското влијание и ќе има разорно влијание врз примателите на помош.