Арапските лидери, кои денеска се сретнаа во Каиро, соопштија дека го прифатиле планот на Египет за иднината на Појасот Газа и ја повикаа меѓународната заедница и финансиските институции брзо да го поддржат.
Египет го претстави својот план за Газа на самитот на арапските земји, согласно кој Хамас ќе се маргинализира и ќе се создадат привремени органи на власта под управа на арапски, муслимански и западни држави.
Планот е спротивен на иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предложи создавање на „Ривиера на Блискиот Исток“, проект кој вклучува масовно преселување на Палестинците и американска реконструкција на Газа.
Египетскиот план предвидува формирање мисија за помош во управувањето, која би ја заменила власта на Хамас во Газа на неопределен период, со задача да обезбеди хуманитарна помош и да почне реконструкција, се наведува во нацртот во кој имале увид некои светски агенции.