Доналд Трамп, актуелниот американски претседател, за првпат имаше свое обраќање пред Конгресот.
Тој зборуваше нешто помалку од еден час и 40 минути, поставувајќи рекорд за најдолго прво обраќање на заедничка седница на Конгресот, познато како говор за состојбата на Унијата. Со ова, Трамп го надмина времетраењето на претходните американски претседатели, вклучувајќи го и своето прво обраќање од претходниот мандат. Темите на кои се фокусираше беа војната во Украина, царинската политика, како и неговите сојузници и поддржувачи од Републиканската партија, на кои им оддаде признание.
Претходно, според извештај на „Аксиос“, членовите на Демократската партија имале намера да го спречат неговиот говор на било кој можен начин. Сепак, ова не се реализираше, иако имаше обид да се наруши текот на неговото обраќање.
Трамп, во својот карактеристичен стил, изјави дека „американскиот сон е незапирлив“ и се пофали со својата победа на изборите од 5 ноември, тврдејќи дека тоа бил „мандат невиден со децении“. Посочи дека ги освоил сите седум сојузни држави, нагласувајќи дека тоа е успех што републиканците не го постигнале долго време.
Понатаму, Трамп објави дека прогласил национална вонредна состојба на јужната граница, испраќајќи војска и гранични патроли со цел, како што рече, да спречат „инвазија на земјата“. Според него, под водство на Џо Бајден – кого го нарече „најлошиот претседател во американската историја“ – бројот на нелегални преминувања достигнал стотици илјади месечно.
Тој истакна дека ставил крај на „владината цензура“ и ја вратил слободата на говор во САД, додавајќи: „Таа е повторно тука“.
Трамп, исто така, спомена дека потпишал наредба со која англискиот станува официјален јазик на САД, а Мексиканскиот Залив го преименувал во Американски Залив.
Во врска со политиките за различност, еднаквост и вклучување, тој тврди дека ги укинал во федералните институции, приватниот сектор и војската.
Трамп најави амбициозен план за зголемување на домашното производство на критични минерали, како графит, литиум и ретки земји, кои се неопходни за економијата, технологијата и националната безбедност.
„Подоцна оваа недела ќе преземам историска акција за драматично зголемување на производството на критични минерали овде, во САД“, изјави тој, додавајќи дека овие материјали се од суштинско значење за електрониката, чистата енергија и воената индустрија, како што пренесува „Си-Ен-Ен“.
Трамп го спомена и значителниот пад на каматните стапки, што го нарече „голем, убав пад“.
Тој најави и нов визен систем наречен „златна карта“, кој на апликантите што вложуваат 5 милиони долари би им овозможил пат до американско државјанство. Според него, ова ќе придонесе за економски раст и отворање нови работни места.
Претседателот го повика Конгресот да финансира напреден систем за воздушна одбрана наречен „Златна купола“, споредлив со израелската „Железна купола“.
„Како врховен командант, мојот приоритет е создавање најмоќната армија на иднината. Барам од Конгресот да финансира најсовремен одбранбен систем, кој ќе биде целосно произведен во САД“, рече тој.
Трамп заврши со визионерска најава – најави дека ќе „засади американско знаме на Марс“, нагласувајќи дека нацијата треба да ја преземе својата судбина во свои раце.
„Америка ќе ги освои границите на науката, ќе го предводи човештвото во вселената и ќе го постави знамето на Марс, па дури и подалеку. Подгответе се за златното доба на Америка – тоа допрва почнува!“, со овие зборови го затвори своето обраќање.