Тренерот на Пари Сен-Жермен, Луис Енрике ги искажа своите импресии за поразот од Ливерпул (0:1) синоќа во првиот натпревар од 1/8-финалето на Лигата на шампионите.
– Мислам дека нема да биде премногу тешко да се анализира денешниот натпревар. Бевме многу подобри од Ливерпул. Создадовме повеќе шанси и одигравме солиден фудбал против еден од најдобрите тимови во Европа. Понекогаш фудбалот е неправеден. Секако, го одигравме само првиот натпревар. Немаме што да изгубиме. Ако успееме да го повториме денешниот натпревар на реваншот, можеме да поминеме. Секако дека е тешко таму, но ќе одиме таму и ќе играме на ист начин како што игравме оваа вечер. Заслуживме повеќе. Најдоброто нешто кај противниците беше нивниот голман – брилијантен денеска. Денешниот натпревар не беше за ситници или статистика. Бевме далеку надмоќни, не дозволувајќи му на Ливерпул да игра. Тој беше подобар од нас само во првите пет минути, изјави Енрике по мечот во Париз.
На ПСЖ во средината на првото полувреме му беше поништен гол поради мал офсајд. Парижаните имаа 27 удари кон противничкиот гол, гостите само два.
Реваншот ќе се одигра на 11 март во Англија.