Новиот состав на германскиот парламент ќе ја одржи својата прва седница на 25 март, четири недели по изборите одржани минатиот месец, пренесе ДПА.
Комисијата за транзиција, составена од актуелниот претседател на Бундестагот и претставници на новите парламентарни групи, постигна договор за датумот на конститутивната седница.
Според германскиот Устав, парламентот мора да се состане во рок од 30 дена по изборите, а 25 март е последниот можен датум, со оглед на тоа што изборите се одржаа на 23 февруари.
Освен оваа седница, актуелниот состав на Бундестагот ќе одржи уште две вонредни заседанија – на 13 и 18 март – на кои ќе се дискутира за предлогот за значителни инфраструктурни и одбранбени инвестиции.
Во новиот парламентарен состав ќе има 630 пратеници, што е за 103 помалку од претходниот состав. Покрај тоа, во парламентот нема да бидат застапени некои партии што не ја поминаа изборната граница од 5 отсто, вклучувајќи ја Либералната слободна демократска партија и популистичката „Алијанс на Сара Вагенкнехт“.