Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, одржа прес-конференција во Бања Лука откако Обвинителството на Босна и Херцеговина утринава издаде налог за негово апсење, јавуваат српските медиуми, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
„Не би препорачал на СИПА да дејствува. И верувам дека нема. Денеска е свечен ден, мојот роденден, а овој подарок го добив од Сараево“, започна тој и продолжи:
„Свечен ден е затоа што денеска го менуваме Уставот на Република Српска. Она што го прави заедничкиот муслимански потфат покажува дека муслиманите тргнале да ја уништат РС. Тие постапуваат според одлуките на странците и го нарушуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Денеска го носиме Законот за Специјалното обвинителство на РС, кое ќе го брани уставниот поредок на РС“.
Тој воопшто не е загрижен за тоа што може да следи.
„Нема таков удар што не сум подготвен да го издржам за РС. Ако некој мисли дека сме кукавици, многу греши. Не очекувам некој да ме брани или некој да го жртвува животот за да не брани“, вели тој и повторува дека Босна и Херцеговина ја уништуваше РС во претходните години.
Тој додаде дека не сакале ескалација, но биле принудени на тоа.
„Република Српска останува со законите што ги донесе. Забрана за работа на Обвинителството и Судот на Босна и Херцеговина. Не би препорачал на СИПА да дејствува и верувам дека нема, повторувам. Имам доверба во полицијата на Република Српска. Следна цел би била полицијата на РС, сопственост на РС, а потоа и сопственост на СПЦ. Убеден сум дека за неколку месеци фактичката состојба на теренот ќе изгледа како кога Југославија се распадна“.
Тој го нарече срамно тоа што Бошњаците ги прогонуваат Србите и му се обрати на новиот командант на единицата ЕУФОР од Романија.
„Мило ми е што ниту еден Србин овде не беше доволно луд да го потпише тој налог за апсење. Гледам генерал од Романија дојде во ЕУФОР, ама џабе народот е зад нас. Претходно барав АЛТЕА да остане, но сега ќе барам од Русите да стават вето и да си заминат“, изјави Додик.
Д. Т. / Цивил Медиа