Во обид да дадеме поддршка во целиот процес на справување со трауматскиот настан, со моите пријателки и колешки собравме искуства, добри практики и знаење со првични порепораки за кризна комуникација во училиштата и за родителите со децата. Натаму, веруваме дека треба да се иницира документ/образец за психосоцијална кризна интервенција во уилиштата, или ако постои, да се ревидира. Остануваме отворени за поддршка.
- Насоки за психосоцијална кризна интервенција во училиштата
Што е трауматски настан?
Трауматски настан е неочекуван, ненајавен и настан кој сосема излегува од вообичаеното секојдневие (поплави, земјотреси, пожари, смрт на близок) и предизвикува чувство на беспомошност или ужас, и кој може да има долгорочно влијание врз менталното, емоционалното и физичкото здравје на поединецот.
Искуството како последица на тој настан го викаме траума и може да е различно, во зависност од тоа како поединецот го восприемил.
Постои примарна трауматизација -кај директно засегнатите од трауматскиот настан и секундарна трауматизација – кај персонал за итни случаи, помагачи, набљудувачи (кои се сме сите ние).
Како може училиштето да помогне?
Комуникацијата за на трауматскиот настан во училиштата и организирањето на психосоцијална кризна интервенција е многу важен дел од заштита на менаталното здравј и добросостојбата на децата.
Пет главни принципи се важни при ваков вид на кризна комуникација:
безбедност
смирување
поврзаност
стабилност
надеж
Кои се најважните постапки во училиштето брзо по несреќата?
Да се формира тим за кризна интервенција на ниво на училиште: директор, наставник, психолог и педагог.
Важно е настанот да добие приоритет, но да се остави простор за редовната структура на наставата и другите училишни активности. Дневната рутина да се задржи.
Целиот наставен кадар да биде подготвен да ги слуша децата со отвореност, осетливост и активно внимание.
Да се сподели вистината со децата, со информации прилагодени на возраста. Да се комуницираат само проверени фактуелни информации, да не се шират шпекулации, лични мислења, или полувистини.
Класните наставници во соработка со училишниот психолог да организираат време во текот на училишниот ден, кога децата можат да ги споделат своите реакции и емоции поврзани со траумтскиот настан, во безбедна атмосфера, со почитување на сите реакции, емоции, и индивидуални разлики меѓу децата. Да се нагласи дека нема правилни и неправилни начини на реагирање и чувствување.
Директорот/директорката да ги уверат учениците дека дека училиштето е безбедно. Дека ситуацијата е под целосна контрола на надлежните кои се грижат за безбедноста.
Училишниот психолог или, педагог во соработка со наставниците да организираат ритуал на изразување сочувство, меморијал за настраданите, на пример со носење цвеќе на местото на несреќата, или со воспоставување ѕид на реакции во училиштето, каде што учениците можат да стават свои цртежи, пораки, и други креативни изрази на емоции и реакции во врска со трауматскиот настан.
Секој час да се започне со кратко потсетување на учениците дека е важно да си помогнат едни на други во надминување на тагата и другите емоции, и да побараат помош од возрасен во училиштето ако им е потребна.
Раководството на училиштето да покаже флексибилност околу изостаноците во привите денови после трауматскиот настан.
Училишниот психолог да биде достапен за учениците на коишто им треба индивидуална поддршка.
Училишното раководство да ги повика родителите на состанок за да ги информира што е преземено во училиштето. На состанокот може да учествува училишниот психолог за да сподели насоки како родителите да разговараат со своите деца за трауматскиот настан (подолу се препораките за комуникација на родителите со децата).
Да се прашуваат децата што би им помогнало да се чувствуваат подобро. Така ќе ја јакнат врската со себе, своите емоции и потреби.
Училишниот педагог или психолог да се постојано достапни за учениците.
Психосоцијаната кризна интервенција се состои од непосредни интервенции веднаш по трауматскиоот настан, среднорочни интервенции во неколку недели и месеци по настанот, и долгорочни интервенции во остатокот на училишната година. Насоките во овој текст се однесуваат на непосредната реакција на училиштето.
- Препораки за родители – како да комуницираат со своето дете при трауматски настани
Следните препораки важат за сите деца, со тоа што комуникацијата се прилагодува според возраста и капацитетите на детето за разбирање.
Бидете автентични – изразете ги своите чувства на начин што ќе му помогне на детето да разбере она што веќе го доживува. Пред да разговарате, обрнете внимание на вашата емоционална состојба и обидете се да ги уважите и регулирате своите чувства (преку дишење, движење на телото, споделување со друг возрасен, пишување…). Кога сте така подготвени, можете да му помогнете на детето да ја регулира својата емоционална состојба преку ко-регулација (преку вашата смиреност и детето ќе ја креира својата смиреност).
При споделувањето на чувствата зборувајте во прво лице еднина: „Тажен/тажна сум” наместо „тато/мама е тажен/тажна“.
Однесувајте се со детето рамноправно – децата имаат право на точна информација. Не ги заштитувајте со извртување на фактите или со избегнување на одговорите. Дајте кратка и точна информација. Не зборувајте со изменет глас, зборувајте како што зборувате со возрасните.
Погрижете се за неговите чувства, мисли и потреби – прашајте го како се чувствува, оставете доволно време да сподели и останете смирено со него во тешкото доживување (страв, плачење, вознемиреност…). Уважете ги неговите чувства со тоа што ќе ги именувате и нема да ги менувате: „гледам дека ти е тешко…дека се плашиш…“. Можете да кажете: „Тука сум со тебе, кажи ми што сакаш да направам.
Прашајте што мисли, дали има прашања, дали се грижи за нешто. Уважете сè што ќе сподели. Воздржете се да го тешите и спасувате од тешките чувства.
Обидете се да останете присутни со детето сé додека има потреба од вас. Тоа самото ќе се оддалечи или ќе почне да се занимава со нешто друго кога ќе се почувствува смирено и безбедно. Присутност значи спремност да се види, слушне и уважи сето она што доаѓа од детето, без обиди за какво било менување.
Помогнете му да си го врати чувството на безбедност – потсетете го дека тоа што се случило е завршено и не се шири. Вие сте безбедни и продолжувате со дневните активности. Потрудете се да ја вратите дневната рутина и да се адаптирате на некои нови/привремени барања од детето за да си го врати чувството на контрола, на пример бара да биде повеќе до вас, да биде пократко отсутно од дома, да има потреба од ритуали за заспивање.
Поддржете ја потребата за акција – може детето да сака нешто да направи во врска со настанот или пак вие да го поттикнете. На пример, да нацрта/напише/моделира/сними… пораки до засегнатите, одговорните или други за него важни лица.
______________
Венка Симовска – професор во полето на психологија на образование, вработена на Аархус Универзитетот во Копенхаген, Данска
Ида Протугер – психолог, тренер за личен и организациски развој
Маја Цветаноска – психолог со работен фокус на инклузија и квалитет во образованието и психотерапевт под супервизија
Емилија Георгиевска Наневска – клинички психолог и психотерапевт