Сојузот на средношколци апелира на разбирање и поддршка кон учениците бидејќи минуваат низ тежок емоционален период по трагедијата во Кочани. Ги повикува образовните институции да покажат емпатија и разбирање за учениците и тие да не се соочуваат со санкции или дополнителен притисок во наставата.
-Многу млади чувствуваат потреба да ја изразат својата солидарност преку учество во собири и иницијативи за поддршка. Во овој контекст, ги повикуваме образовните институции да покажат емпатија и разбирање за учениците, без да се соочуваат со санкции или дополнителен притисок во наставата. Ова се моменти кога хуманоста треба да биде на прво место. Истовремено, изразуваме загриженост за односот кон учениците во овој чувствителен период. Наместо строги мерки, сега е неопходен дијалог, поддршка и заедничко разбирање. Протестите се крајна мерка која никој не ја посакува, но доколку изостане разумен пристап, реакцијата на учениците ќе биде неизбежна, се наведува во соопштението.
Средношколскиот сојуз очекува од сите училишта и надлежни институции „да придонесат кон создавање атмосфера на грижа, почит и поддршка, со цел учениците полесно да се справат со овие исклучително тешки моменти“.