„Во оваа ситуација, трагедијата освен на нас сите ќе биде залепена на оваа Влада. Таа може мисли дека со оваа хистерична и како дрогиран боксер удирање по сите страни лево и десно ќе ја оттргне одговорноста од себе, но не, тоа ќе биде дефинитивно и вечно залепена трагедија за оваа Влада за овој премиер, за ова време кога тие владејат“ изјави професорот Љубомир Фрчкоски во интервју за ТВ24.
Тој истакна дека Владата функционира речиси цела година и дека 80 отсто од општините низ државата се под контрола на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, поради што структурата на контрола е нивна поради што и главнината на одговорноста мора чесно да ја изнесат.
„Не може од неа да бегаат, да се претвараат. Смешни се овие евтини вмровски слики дека премиерот е како Св.Ѓоргија кој ја убива аждајата односно корупцијата во системот. Тој систем до кога им носи привилегии, им носи сервис на владејачките структури тој е добар, го користат. Кога тој систем треба да се испорача сигурност на граѓаните, сервис за кој тој систем постои и кога тој тоа нема да го направи, кога ќе се случат вакви трагедии, тогаш некој друг е крив, тогаш постои системска корупција, не се тие виновни. Тоа така не оди“ вели Фрчкоски.
Тој додава дека кај одговорноста треба да се погледне од дистанца.
„Ќе ја наречеме вертикална одговорност директно поврзана со случајот. Околу неа се одговорни лицата кои дозволилле пиротехнички материјал да се запали во затворен простор. Тие морале да дозволат, тие го контролираат нивното користење, тие можеле да го запрат концертот. Тоа е само и единствено полицијата. Нема тука економија, нема ништо. Само полицијата. Тука е кристално јасно“ вели Фрчкоски.