Пишува: ДИЈАНА ТАХИРИ
Синоќа на аеродромот во Батајница, Србија, се одржа комеморација на Денот на сеќавање на жртвите од бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија во 1999 година.
На настанот, покрај другите беше присутен претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, претседателот Милорад Додик, а во првиот ред до нив беше и македонскиот вицепремиер и министер за Односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
Не се знае дали Стоилковиќ имал говор, но на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук има објава со најава дека ќе присуствува на комеморацијата.
„ДА НЕ ЗАБОРАВАМЕ, ЗА ДА НЕ БИДЕМЕ ЗАБОРАВЕНИ!
По повод Денот на сеќавање на жртвите од НАТО бомбардирањето на Србија, поради актуелната ситуација, во текот на денот поединечно или во помали групи ќе запалиме свеќи во чест на сите загинати бранители на татковината и невините жртви од НАТО агресијата врз Србија. А вечер ќе присуствувам на официјалното државно одбележување на Денот на сеќавањето на загинатите во агресијата на НАТО против СРЈ-24. март 1999 година, што ќе се одржи на Воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница“, најави вчера Стоилковиќ.
Не се знае дали Стоилковиќ присуствувал на комеморацијата во својство на вицепермиер на Владата на Република Северна Македонија, или како министер за Односи меѓу заедниците, што во двата случаи би значело дека ја претставува и Владата, како и сите граѓани на земјата во која тој делува како висок политичар, и му е доделена позиција на власт. Но, очигледно е дека за него татковина е друга земја, и секако, дека дејствува (не за прв пат и тоа е познато) во спротивна насока доделената политичка задача.
А можеби е испратен по должност, да му се најде на „брат Вучиќ и братучед Додик“ како поддршка од Северна Македонија, веројатно поканет од таму, за што исто така не се знае, ако е поканет, дали во својство на вицепремиер и министер, или како водач на Демократската партија на Србите во Македонија?
Како и да е…
Преземено: Цивил Медиа