Кенија го призна Косово како независна држава, првата земја што го стори тоа по речиси пет години застој во напорите да добие дополнително меѓународно признавање, јавуваат косовските медиуми.
„Кенија го призна Косово во интерес на меѓународниот мир и безбедност, територијалниот интегритет и за унапредување на зајакнувањето на односите со балканските земји“, се наведува во соопштението на кениското Министерство за надворешни работи.
Ова го соопшти поранешниот претседател на Косово, Беџет Пацоли, кој на својата страница на Фејсбук сподели фотографии со кенискиот претседател Вилијам Руто додека го потпишува писмото за признавање.
Последната земја што го призна Косово беше Израел во септември 2020 година.
Од МНР на Србија веднаш реагираа на одлуката на Кенија, нарекувајќи ја грубо кршење на меѓународното право.
Министерството за надворешни работи на Србија синоќа излезе со соопштение дека најостро ја осудува одлуката на Кенија да ја признае еднострано прогласената независност на Косово, наведувајќи дека таквата одлука претставува грубо кршење на меѓународното право и ги поткопува напорите насочени кон конструктивен дијалог и регионална стабилност, јавуваат српските медиуми.
Ваквиот потег претставува грубо кршење на меѓународното право и директно кршење на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која недвосмислено го гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија. И тоа во годината во која се слави 80-годишнината од усвојувањето на повелбата на ОН, која кениските власти ја згазија, се наведува меѓу другото во соопштението од МНР на Србија.
Д. Т. / Цивил Медиа