Пратеничката група на Левица соопшти дека ќе донира повеќе од половина од својата мартовска плата како чин на солидарност со семејствата на загинатите во трагичниот настан во Кочани.
„Свесни сме дека вистинската поддршка не треба да се темели на индивидуални гестови, туку на системски решенија кои ќе обезбедат сигурност и социјална правда за сите граѓани“, се наведува во соопштението на партијата.
Дополнително, пратениците на Левица истакнуваат дека поради двонеделната неактивност на Собранието, која ја нарекуваат „резултат на политичка оттуѓеност“, не сметаат дека имаат морално право да ја примат целосната плата за март. Тие воедно ја критикуваат Владата, обвинувајќи ја за „луксузирање и разврат“ во услови на економска несигурност.
„Оваа донација не ја менува реалноста – државата мора да има социјално проактивна влада и функционално Собрание кои ќе овозможат поддршка на оние на кои им е најпотребна“, додаваат од Левица, нагласувајќи дека само со „одговорни и правични политики“ може да се изгради систем што нема да зависи од поединечни хуманитарни акции, туку од силни и праведни институции.