Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека ја повлекува номинацијата на Елиза Стефаник за амбасадор во Обединетите нации бидејќи републиканците мора да го задржат тенкото мнозинство во Конгресот за да ја унапредат неговата агенда „Америка на прво место“.
Републиканската конгресменка Елиза Стефаник е близок сојузник на Трамп на која тој и ја додели улогата во ОН помалку од една недела по победата на изборите во ноември.
„Од клучна важност е да го задржиме секое републиканско место во Конгресот. Со многу тесното мнозинство не сакам да ризикувам некој друг да се кандидира за нејзиното место“, напиша Трамп во објавата на социјалните мрежи.
Републиканците имаат тесно мнозинство од 218 наспроти 213 места во Претставничкиот дом, каде има четири слободни места.
Стефаник беше последната кандидатка на Трамп на владино ниво која сè уште не беше потврдена.
Засега сè уште е нејасно кого Трамп може да избере за да ја замени Стефаник.
„Има и други кои можат да завршат добра работа во Обединетите нации“, напиша Трамп.