Хунтата во Мјанмар денеска соопшти дека во земјотресто загинале повеќе од 1.700 луѓе, а 3.400 се повредени. Поради големиот број на жртви во земјата е пргласена седумдневна жалост.
Спасувачките тимови во Мјанмар се соочуваат со големи препреки додека се обидуваат да пристигнат до заедниците погодени од земјотресот, соопшти Меѓународниот одбор за спасување (International Rescue Committee).
Патиштата се оштетени, затрупани од одрони и шут, а дополнителни проблеми создава лошата комуникациска инфраструктура, особено во центрите на градовите, како и честите прекини на струја.
Спасувачките екипи во моментов се во близина на епицентарот во Мандалеј. Тие соопштија дека голем број граѓани спијат на отворено, нема доволно шатори или безбедни места за да се засолнат. Граѓаните исто така се соочуваат и со недостиг на вода.
Претходно, Маргарет Харис од Светска здравствена организација изјави дека болниците во Мјанмар се оштетени, преоптоварени и можно е ширење на заразни болест.
Најмалку три болници се целосно нефункционални, додека 22 се делумно оштетени и практично неспособни за работа, наведе Харис, додавајќи оти хуманитарците се соочуваат со потенцијално ширење на заразни болести, како колерата.
Мјанмар на 28 март вчера беше погоден од голем земјотрес со интензитет 7,7 степени, со епицентар во близина на градот Мандалај, на длабочина од околу 20 километри. Големиот земјотрес беше почувствуван и во Тајланд и во други азиски земји. Неколку минути подоцна уследи втор земјотрес со интензитет од 6,4 степени.
Според американскиот геолог Џес Феникс земјотресот регистриран во Мјанмар ослободи енергија еднаква на 334 атомски бомби. Според неа последователните потреси би можеле да траат со месеци бидејќи индиската тектонска плоча продолжува да се спушта под евроазиската плоча во регионот на Мјанмар.
Според симулацијата на Геолошкиот институт на САД бројот на загинати може да надмине 10.000 луѓе во Мјанмар, а загубите би можеле да бидат поголеми од вредноста на бруто домашниот производ на земјата.