Јавното претпријатие за државни патишта изминатите седум дена започна пилот проект со кој врши снимање на сообраќајната сигнализација на 750 километри патишта во државата.
Со специјалното возило ангажирано во рамки на адаптивното одржување на РАМС системот, соопштија денеска од ЈПДП, се собираат податоци за сигнализацијата кои се внесуваат со дигитални координати, а преку системот за фотограметрија точно се гео-референцираат. По завршување на снимањето податоците ќе се обработат и ќе бидат внесени во РАМС системот, кој ќе биде всушност катастар на сообраќајната сигнализација на државните патишта.
Овие податоци подоцна ќе бидат искористени за побрза споредба, замена и поправка на сигнализацијата која што е неопходна за безбедно и правилно водење на сообраќајот.
– Снимањето ќе се врши и во наредните денови и доколку на нашите патишта сретнете невообичаено возило како на сликите во прилог бидете трпеливи и дајте му предност бидејќи работи во интерес на сите нас и на обезбедување на посигурни и побезбедни патишта, стои во соопштението.