Јужнокорејскиот технолошки гигант „Самсунг“ (Samsung) првично го претстави „роботот-придружник“ „Бејли“ на почетокот на 2020 година. Но, тој допрва треба да стане производ што ќе може да се купи.
Според новите наводи, ова лето конечно ќе биде достапен во САД и Јужна Кореја. На почетокот на овој месец, имено, беше објавено и трелер-видео, а компанијата потврди дека „Бејли“ доаѓа со вграден асистент со вештачка интелигенција – „Џемини“ (Gemini) на „Гугл“ (Google).
– Во ова партнерство, „Самсунг“ и „Гугл клауд“ ја преобмислуваат улогата на ВИ-технологијата во домот. Со спојување на моќното мултимодално размислување на „Џемини“ со способностите на ВИ на „Самсунг“ во „Бејли“, ние ја користиме моќта на отворената соработка за да ја отклучиме новата ера на персонализирано дружење со ВИ – онаа којашто се движи со корисниците и ги предвидува нивните потреби повеќе од кога и да е!, изјави Јонгјае Ким, извршен потпретседател на бизнисот со визуелни дисплеи во „Самсунг“.
Извршниот директор на „Гугл клауд“, Томас Куријан вели дека „Самсунг“ и „Џемини“ го демонстрираат распоредувањето на генеративната вештачка интелигенција.
– Ја вградивме директно во нашите популарни производи. Ова проширено партнерство со
„Самсунг“ ја нагласува нашата посветеност да испорачаме доверлива ВИ-технологија со долгорочна вредност за нашите клиенти и нивните клиенти, изјави Куријан.
Вештачкоинтелигентниот робот „Бејли“ ќе ги користи мултимодалните способности на „Џемини“ и јазичните модели на „Самсунг“. На овој начин, тие ќе можат да го прилагодат своето однесување и одговори во реално време. Тоа би можело да им помогне на сопствениците на еден дом, околу нивното здравје благосостојба итн. Цената е сè уште непозната, но „Бејли“, според познавачите, дефинитивно нема да биде евтин.