Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во објава на Фејсбук остро реагираше на именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, нарекувајќи го „скандалозно и неприфатливо“.
„Богојески има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи. Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни, расистички. Тоа е целосно неприфатливо за носител на каква било јавна функција“, изјави Костова.
Таа нагласи дека таквиот профил е во директна спротивност со вредностите на една европска агенција која треба да промовира инклузивност, еднаквост и почит.
„Богојески е целосно недоветен и несоодветен за функцијата. Уште помалку може да служи како пример за студентите. Поставувањето ваква контроверзна личност на чело на институција која треба да ги унапредува образовните можности и европската соработка – испраќа загрижувачка, но јасна порака за приоритетите на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ“, порача таа.
Костова оцени дека ова именување го поткопува значењето на самата Агенција и ги доведува во прашање обидите за реално подобрување во образованието.
„Ова е јасен показател за целосното игнорирање на основните европски вредности од страна на Владата. Такво непочитување на етичките стандарди е неприфатливо, особено во образовниот сектор и јавната служба.“
Таа најави дека СДСМ ќе ја информира Европската комисија за случајот.
„Ќе ја известиме Европската комисија – поточно Генералниот директорат за образование и култура – за оваа скандалозна одлука. Националната агенција треба да ја води личност која ги носи вредностите на почит, инклузивност и напредок, а не партиски подобен галамџија, кој целиот свој јавен профил го градел на омраза, поделби и анти-европски ставови“, заклучи Костова.
Ј. Ѓ.
Поврзано:
Кој е Петар Богојески новиот директор што ќе управува со парите од „Еразмус“