По сослушувањето на 125 сведоци во судењето на поранешните водачи на ОВК, Обвинителството ќе го затвори случајот на 15 април. Топката сега се префрла кај одбранбените тимови, кои ќе се обидат да докажат дека тврдењата на Обвинителството се неосновани, јавуваат косовските медиуми.
Албанија денеска на меѓувладина конференција со ЕУ го отвора поглавјето за „Внатрешна трговија“, јавуваат албанските медиуми.
Во продолжение се поместени содржините од денешниот редакциски избор на ЦивилМедиа од Албанските медиуми во регионот.
КОСОВО
РСЕ: Судењето на поранешните лидери на ОВК во Хаг се приближува кон крајот: Што потоа?
За две години, над 125 сведоци поканети од Специјализираното обвинителство ги дадоа своите искази во врска со обвиненијата против поранешните водачи на ОВК. Сега кога на Обвинителството му истекува времето за докажување на обвиненијата, иднината на судењето е неизвесна.
Во октомври 2020 година, беа потврдени обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото против четворица поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети дека биле дел од „заеднички злосторнички потфат“ што ги таргетирал оние што ги сметаше за „соработници“ и „предавници“ за да ја „добијат власта“ за време и по последната војна во Косово.
Адвокатите на обвинетите ги отфрлија сите обвиненија против нивните клиенти, тврдејќи дека ОВК немала ефикасна командна структура.
Сега, по сослушувањето на 125 сведоци, Обвинителството ќе го затвори случајот на 15 април. Топката сега се префрла кај одбранбените тимови, кои ќе се обидат да докажат дека тврдењата на Обвинителството се неосновани.
Сега кога топката помина во полето на одбранбениот тим, се зависи од стратегијата што ќе ја одлучат тимовите за одбрана на обвинетите. Во ноември минатата година, шефицата на косовскиот Специјализиран совет, Екатерина Трендафилова, рече дека судиите треба да одлучат дали ќе го ослободат обвинетиот од притвор откако Специјалното обвинителство ќе го заврши случајот, се наведува во анализата на Радио слободна Европа на албански јазик.
Бота сот: Денеска се одбележува Денот на преживеаните од сексуалното насилство во војната во Косово
Денеска се одбележува Меморијалниот ден на преживеаните од сексуалното насилство за време на последната војна во Косово. Со одбележувањето на овој ден се одбележуваат страдањата и траумите на оние кои доживеале сексуално насилство за време на војната во Косово.
Овој ден има за цел да ја препознае неправдата доживеана и траумата како резултат на ваквите злосторства и во исто време да ја подигне свеста за одложената правда и борбата против стигмата.
По повод одбележувањето на овој ден, Косовскиот центар за рехабилитација на преживеани од тортура (KCRRT) соопшти дека на Меморијалниот ден на преживеаните од сексуалното насилство за време на последната војна во Косово, за прв пат, маж кој преживеал јавно ќе ја сподели својата приказна.
„Приказна што предизвикува страв, стигма и заборав. Акт на храброст што отвора ново поглавје за правдата и вистината“, најавуваат од Центарот, пренесе Бота сот.
Инаку, на предлог на претседателката Вјоса Османи, Владата го прогласи 14 април за Ден на преживеаните од сексуалното насилство за време на последната војна на Косово.
АЛБАНИЈА
Топ чанел: Денеска се одржува четвртата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ, официјално ќе биде отворено групното поглавје за „Внатрешна трговија“
Во Луксембург денеска се одржува четвртата меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската унија.
Денеска официјално ќе биде отворено поглавјето 2 за „Внатрешен пазар“.
Одлуката за одржување на оваа конференција беше донесена со консензус од страна на амбасадорите на 27-те земји-членки на ЕУ во Брисел, под раководство на полското претседателство со Унијата, пренесе Топ чанел.
Телеграфи: „Трамп ќе депортира над 1.800 Албанци од САД! Министерот Хасани ја раскажува приказната зад сцената
По неговото доаѓање на власт, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша серија извршни наредби кои ги променија воспоставените рамнотежи на глобално ниво.
Една од овие наредби предвидува депортација на илегални имигранти во Соединетите Американски Држави.
Оваа наредба влијае и на 1.874 Албанци, кои се меѓу 1,4 милиони илегални имигранти во САД.
Запрашан за судбината на овие имигранти, министерот за надворешни работи Игли Хасани изјави дека во ниту еден случај не поддржува незаконитост, дури и кога станува збор за албански државјани.
„Мораме да ги регулираме можностите поврзани со застапеноста на Албанците каде што тие се населуваат. Но никогаш незаконски“, изјави тој , пренесе Телеграфи.
Од друга страна, министерот додаде дека без разлика кој е на власт преку океанот, демократите или републиканците, Албанија има многу силни и многу консолидирани односи со Соединетите Американски Држави.
КОЛУМНА
Коха: „Се чини дека ЕУ побрзо ќе ги укине санкциите кон Русија отколку кон Косово“
„Косово сега остана без средства од ЕУ од претпристапните инструменти, повеќе не може да смета на големата американска помош по затворањето на УСАИД, а неколку земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, исто така прекинаа дел од билатералната помош бидејќи мерките на ЕУ се уште се во сила.
Овие мерки, заедно со неподдршката на ЕУ за членство во Советот на Европа и неуспехот да се разгледа апликацијата на Косово за членство во ЕУ, се доказ дека пристапот на ЕУ кон Косово и Србија воопшто не е избалансиран. И покрај ова, граѓаните на Косово не губат верба во ЕУ и се најголеми поддржувачи на членството на својата земја во Европската унија. Ако вака продолжи, не би било чудно ако ЕУ ги укине санкциите за Русија и Сирија пред Косово.“, пишува Авторот Аугустин Палокај во колумната „Се чини дека ЕУ побрзо ќе ги укине санкциите кон Русија отколку кон Косово“, објавена во косовскиот дневник Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа