Куманово ќе почне со дезинсекција, соопшти денеска градоначалникот на општината, Максим Димитриевски. Првите третмани ќе се спроведат по празничниот викенд, во вторник и во среда. Првиот третман на ларвицидна дезинсекција ќе се изврши на 22 април од 08:00 до 16:00 часот на подрачје за општината каде има застоена вода.
– При извршување на третманот ќе се користи препаратот „BIOPREN 4GR“, со активна материја „S-METHOPRENE“. Во среда ќе се спроведе првиот третман на дезинсекција против крлежи, во раните утрински часови од 5:00 до 8:00 часот, соопшти Димитриевски.
Наредниот ден пак ќе се спроведе дезинсекција против крлежи ќе бидат опфатени јавно – прометни зелени површини на следниве локации: градски парк, „Октомвриска револуција“ (градски кеј и ординација „Д-р Бато“), „Тоде Думба“ (Кошеви), Спомен Костурница, двата градски плоштади и Соколански парк.
– При извршување на третманот ќе се користи препаратот „ЦИМИНА ПЛУС“, со активна материја „CIPERMETHRIN“, соопшти Димитриевски.
Третманите ќе бидат одложени, доколку временските услови не се поволни.
Општината за запрашување против инсекти, дезинсекција, дератизација против крлежи, лебарки, комарци и глодари одвои над 1, 2 милиони денари. Општината склучи договор со компанија од Куманово. Општината склучи договор и за авиотретирање со широкопојасен инсектицид за третирање на комарци, одобрен од Биро за лекови, за што одвои скоро два милиони денари.