Хуманистот Денис Јанкуловски, објави дека шестиот инклузивен настан „Гуш и Бац е љубов“ во организација на Аутизам ААМК, оваа година ќе се одржи на 11 мај кај Школка во Градски парк Скопје.
„Драги Другарковци, заедно со Шпаркасе банк Ве покануваме на шестиот по ред инклузивен настан на најубавото, најдругарскотo, најинклузивното место а тоа е Школка во градски парк. Концептот е ист како и претходните години затоа што програмата што победува не се менува“, стои во најавата на настанот.
Најавени се многу различни активности, некои веќе добро познати како ракомет, Не лути се човече, сложувалки, кошарка, фудбал и други спортски игри, шминки и фризури, шах, магични залчиња, ликовно и забно катче, рубикови коцки, оваа година збогатени со карате, тенис, полигон а и нешто многу многу интересно – ќе учиме и за пантомимата.
Целта, како и секогаш е зголемување на свесноста за разлиностите.
„Она што знаеме со сигурност е дека вие знаете се` за настанот, па останува само тој ден, 11-ти мај да дојдете на Школка и преку сите активности ЗАЕДНО да покажеме дека ние ги прифаќаме, почитуваме, вклучуваме и сакаме нашите другарчиња со атипичен развој, САКАМЕ и ЗНАЕМЕ како да РАСТЕМЕ ЗАЕДНО.
А тоа е со многу Гуш и Бац затоа што „Гуш и Бац е љубов“, се наведува во најавата од настанот.
Програмата за Школка е речиси исполнета, вели Јанкуловски.
Настанот е поддржан од Шпаркасе Банка во рамки на платформата за општествена одговорност Sparkasse Life.
Ј. Ѓ.