Најмалку 11 луѓе загинаа, а десетици се повредени во синоќешниот напад врз насобраниот народ, кој присуствувал на фестивал во канадскиот град Ванкувер.
Автомобил влета во публиката на фестивалот „Лапу Лапу“, посветен на филипинската култура што се одржува секоја година.
Возачот (30) е уапсен на местото на настанот. Тој имал проблеми со менталното здравје.
Полицијата соопшти дека не е запознаена со никакви конкретни закани против фестивалот „Лапу-Лапу“, кој е именуван по домороден филипински воин кој се борел против шпанската колонизација во 16 век.
Според полициските сили, инцидентот не бил терористички чин. Жртвите биле на возраст од пет до 65 години.
Триесетгодишниот обвинет Каи-Џи Адам Ло вчера накратко се појави на суд. Тој не побара кауција и ќе остане во притвор до неговото следно појавување, закажано за 26 мај во Окружниот суд во Ванкувер. Се очекува против него да бидат поднесени повеќе обвиненија.
Каи-Џи Адам Ло имал десетици контакти со полицијата поврзани со неговото влошување на менталното здравје. Неговиот брат беше убиен минатата година, а неговата мајка подоцна се обиде да се самоубие, објавија медиумите.