Турција и Италија ќе продолжат да ја зајакнуваат соработката во областа на одбранбената индустрија со нови проекти, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ќе продолжиме да ја зајакнуваме соработката во областа на одбранбената индустрија со Италија, во која е постигнат значителен напредок, а се предвидуваат и нови партнерства и проекти“, рече Ердоган по средбата со италијанската премиерка Џорџа Мелони во Рим.
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со Мелони, Ердоган рече дека лидерите поставиле нова годишна цел од 40 милијарди долари трговска размена меѓу двете земји.
Италијанската премиерка Мелони истакна дека пет години однапред ја надминале целта од 30 милијарди долари во трговската размена поставена на последниот меѓувладин самит.
„Сега поставивме нова цел, односно на среден рок трговијата да достигне 40 милијарди долари. Потребно е многу работа, но двајцата можеме да сметаме на динамиката на нашите компании. Заедничката декларација што ја усвојуваме ја потврдува цврстината на нашите односи и денес ги поставува темелите за понатамошно зајакнување на нашето партнерство“, додаде Мелони, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Ердоган пристигна денеска во Рим за да учествува на четвртиот меѓувладин самит на Турција и Италија, на покана од Мелони. Тој беше свечено пречекан од Мелони во резиденцијата Вила Памфили во Рим. По свечениот поздрав од почесната гарда, двајцата лидери се ракуваа и позираа за фотографите.
На самитот стана збор за чекорите за унапредување на соработката меѓу Турција и Италија, како и за актуелни регионални и глобални прашања. Предвидено е потпишување на неколку билатерални договори што ќе ја зацврстат правната основа на односите, а исто така ќе се одржи и бизнис-форум со учество на претставници од деловните заедници на двете земји.
Ердоган е придружуван од високи турски претставници и советници, меѓу кои министерот за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер, министерот за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир, министерот за трговија Омер Болат, министерката за семејство и социјални услуги Махинур Оздемир Ѓокташ, министерот за млади и спорт Осман Ашкин Бак, министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, директорот на Националната разузнавачка организација Ибрахим Калин, директорот за комуникации Фахретин Алтун, главниот советник на претседателот за надворешна политика и безбедност Акиф Чагатај Килич, како и директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија Халук Ѓоргун.