Европската комисија сѐ уште ја нема извршено промената на правниот застапник за Еразмус образовните програми во Северна Македонија, односно, се нема произнесено за именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +), од извори од Брисел дознава Рацин.мк.
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје за Рацин одговориле:
„Во овој момент можеме само да повториме дека Европската комисија не беше вклучена во процесот на избор и номинирање на г-дин Богојески и сè уште го оценува назначувањето.“
Именувањето на Петар Богојески за директор на оваа агенција предизвика широки реакции во јавноста поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како постапки кои се спротивни на европските вредности.
За трите програми на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) во 2025 година се предвидени нешто повеќе од 7,7 милиони евра од фондовите за образование и за мобилност на Европската унија.