Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Долгогодишното ропство и лошото владеење можат толку да го збунат и да му ги осакатат сеќавањето на еден народ, здравиот разум и вистинскиот суд да му ги истенчат, ослабнат и целосно да му ги извитоперат. Така пореметениот народ не може да ги разликува не само доброто од злото, туку и сопствената корист од очевидната штета“. Ова е мисла на нобеловецот Иво Андриќ, секако интелектуалец со големо искуство за однесувањето на „рајата“ во многу кризни и тешки моменти.
На овој опис и некој актуелен опсерватор на однесувањето на народот мора да се потсети додека ја гледа депресијата на нацијата која вапца јајца и гледа во нозете при тоа, без да види и да ги впие сите настани со кои е соочен и видливо го очекуваат во блиската иднина, една луња која полека но сигурно го зафаќа светот, добива забрзување во регионот а кај нас се’ се одвива како во романот „Под вулканот“ на писателот Малком Лури: се очекува драматична ерупција на Денот на мртвите во Мексико, непосредно пред Втората Светска војна (симболично нели) а еден британски дипломат (!) не може да реагира заради својот алкохолизам и се предава на судбината.
KOМПЛЕТНА ЕКОНОМСКА ИСЦРПЕНОСТ
Навистина е чудна таа наша масовна опиеност од фактите кои не притискаат, а повеќе од нас не погледнуваат ниту низ прозорецот – светската економија е во целосен распад, цената по правило ќе ја платат пред се сиромашните земји а во тие рамки и најсиромашните граѓани, оние кои за својот труд кај нас треба да се борат за минимална плата од 500 евра и не можат да ја добијат. Власта покажува целосен банкрот во многу сфери, ја разголува својата комплетна економска исцрпеност а поголем дел од неа (македонскиот дел од кабинетот!) се движи сепаратно низ светот преку масовни семејни и секако скапи ексурзии како своевиден ескапизам, слично на оние што го измислија чарлстонот среде Големата криза на 30-тите години од минатиот век и се губеа во звуците кои водеа во вртоглаво бесознание…
Најпрвин да се потсетиме дека администрацијата на Трамп драматично ја сврте економијата на глава – глобализацијата ја претвори во зачаурен систем во национални граници, налик на првите децении на империјализмот, кога големите држави започнаа да го парчосуваат светот и да го претвораат во низа од колонии. Македонскиот избор, кој можеби не би бил лесен ама би бил транспарентен и подложен на врвна експертска рационалност, но тоа не е, едноставно е погрешен, подложен на повторувањето на грешките од минатото, да не речам според вмровската (михајловистичка) матрица, токму како да излегол од мизансценот правен од „војвода“ Пандов. Неуките гласања во ОН во последно време од неискусните администратори на дипломатијата – од врвот па надоле – кои се изјаснуваат како по некоја проста инерција, како да се ситни железни отпадоци кои се приклонуваат кон најсилниот магнет, оддалечувајќи се од можното и исправено пред нас европско јадро. Видете ги резултатите: останавме во тоа јато каде се само две „птици“: ние и Србија, сосетка која се определи дефинитивно за руската алтернатива. И тоа преку претседателот Вучиќ ќе го потврди на прославата ан Денот на победата во Москва. Таа ли е и нашата судбина? Идеологот за таа определба, поранешен и единствен амбасадор во Бразил, е можеби стариот навивач за БРИКС, едно меѓународно друштво кое и самото не знае каде се наоѓа во котелот што врие и преврива?!
ШТО ЗНАЕ МИНИСТЕРКАТА ШТО СЕ ТОА 120 МИЛИОНИ ДОЛАРИ
И сметководителката на Владата деновиве не убедува дека ние нема да имаме никаква штета од американските тарифи (односно санкции за целиот свет) во стилот „што се тоа 120 милијарди долари годишен извоз“, без да види дека тука влегуваат иднините на тутунската и металуршката индустрија, делови од другите гранки како кондиторската и фармацевтската индустрија… Дали во рамки на вкупната рецесијата, иселувањето на дел од успешните ТИРЗ зони од кај нас не ја гледа црната перспектива која се заканува на најуспешните фирми кои делеа главно солидни примања за вработените. Секако плаќаа уредно и данок и со тоа влијаеја на платниот биланс? Па зарем тоа нема да прошири како зла коб и врз транспортот, угостителството и хотелиерството!
Министерката за финансии може да измислува причини зошто во првите три месеци имаме комплетно паѓање на инвестиционото вложување, па никаде не ги гледаме сликите на екс градоначалникот на Скопје Коце Трајановски во неговите жолти чизми, кој наводно постојано работи, нели, не седи, како што тврдеше министерката за финансии: каде се сликите сега на забрефтаните машини на патиштата за што беа обезбедени пари и кои требаа да ја влечат економијата напред? Бројките сами кажуваат.
Лош старт на годинава за некои бизниси. Од бројките на Централниот регистар може да се види дека во првиот квартал, најголем број на компании кои ставиле клуч на врата (1.000) се оние од секторот трговија на мало и големо, но и од преработувачката индустрија.
Освен во овие две дејности, компании кои затвориле има и во стручната научна и техничка дејност, во градежништвото, кај сервисните дејности со храна, но и во другите усложни дејности. Има и во земјоделството, транспортот и во дејноста информации и комуникации. Најдобро поминал секторот финансии и осигурување. Таму за три месеци згаснале само шест компании.
Бројот на работници кои не примиле плата само за јануари годинава е зголемен за повеќе од три пати во однос на лани.
– Повеќе од 72% од компаниите немаат резерви, а тоа произлегува од политиката на отворање на фирми со обртен капитал од 5.000 евра. Така, уште при првата плата овие фирми мораат да се задолжат во банките бидејќи немаат доволно капитал за да работат. Проблемот подоцна се продлабочува кога настапуваат кризи. Секоја промена кај купувачот на производите значи и криза за компаниите – појаснува Ангел Димитров од светиниколска „Мода“. Официјалните податоци се дека бројот на работниците во текстилната индустрија за изработка на облека во декември лани се намалил за 14,7%, во кожарската индустрија за 11,7 додека во секторот производство на возила пак бројот на работници се намалил за 5,9%. Неодамна стигна абер дека нашиот најголем извозник (и еден од најголемите полначи на буџетот) го намалил бројот на вработени за најмалку 200 лица, а американската компанија „Аптив“ планира целосно да замине од земјава (вработува 500 лица). Тие работници ќе одат на товар на социјалните служби, а нема да придонесуваат за буџетот….

ТИВКО ВЕТРЕ ЗАДУВА, СИТНА РОСА ЗАРОСИ
Министерката за финансии во изјавата дадена на денот на царинската управа на почетокот на април вели дека „реализацијата на капиталните расходи се одвива според планираното, иако во првите три месеци се остварени нешто под 10 отсто (од предвидената динамика!). Од предвидени 47,2 милијарди денари во годинашниот буџет за капитални расходи, заклучно со 8 април се реализирани 4,49 милијарди денари. Да биде се појасно. Оправдувањето од нејзина страна наиде на редица зајадливи коментари – кај нас било снежно и студено па се чека зелена трева и сонце ама да не оди на прежешко, што кај нас е – правило! Ова како во народната песна „Ситна роса зароси,тивко ветре задувна…“.

Кога на професорот Фити во петокот (18 април) во емисијата „Трилинг“ му беше посочено дека министерката за финансии, веројатно негова студентка, мисли дека новата економска политика на Трамп може да значи поттик за „нов скок на извозот“ (!) место одговор направи едно, што се вели ултра кисело лице. Да, што да се прави, професорите на Економски мораат да мислат да бидат поселетивни барем во иднина. Впрочем, Фити кажува дека за време на економската криза во 2008/9 година, која започна пропаста на банките во САД, далеку побенигна состојба од оваа сега, која е на самиот почеток, само за една година Македонија изгубила 1,5 милијарда долари заради падот на извозот и тоа само кон три држави (Грција, Италија и Германија). Каква ли ќе биде цената сега? Многу, многу поголема? Дали имаме резервен план – прашуваме ние?
За споредба и пред повеќе од деценија првото тромесечие носеше инвестиции над 50 милиони евра а сега имаме скор од под десет отсто од таа сума! Значи овој пат на инвестициите е „легендарен“. Ова пледоаје, погледнете на Фејсбук, одвај да го одбележи (или поточно не го ни допре) џиновскиот дел од нашите „неутрални и професионални“ медиуми.
КАДЕ ОТИДЕ УНГАРСКИОТ КРЕДИТ?
За јавноста е целосна енигма што стана со кредитот – кинески ама спакуван како унгарски – во висина од една милијарда евра кој требаше да се дели, како да е пита со бурек на 4/4 – една од нив за фирмите (сопствените, партиски подобните, се подразбираше), потоа втората за локалната самоуправа (да не ви ја кажувам каде тече демаркационата линија на избраните) и т.н. Но ниту делењето на таа финансиска инјекција не се виде ама постоеше утеха кај навивачите на власта дека се чека поволен период пред локалните избори. Ама белки тогаш требаа да се видат ефектите од влоговите?!
Можната логика е дека наесен парите може да се фрлаат како готовински плаќања онаму каде се појавиле најголеми дупки! Е ама кредитот ќе го враќаме сите, нели? А и до тогаш треба да се преживее.
По три маратонски круга кон странство, со максимален број учесници и групировки во странство, последната, наводно за привлекување на инвестиции и тоа во ОАЕ дознавме каде е фрлен мамецот.
„Разговаравме за енергетски проекти, вклучувајќи ги Чебрен и Галиште“ – порача премиерот од ОАЕ, восхитен од арапскиот интерес.
Да се потсетиме дека до неодамна тоа беше „скандалозен проект на СДСМ“, но сега Чебрен за екипата од ВМРО-ДПМНЕ сега стана „одлична можност за инвестирање“. Имено, премиерот Христијан Мицкоски, во времето кога стоеше пред микрофоните како опозиционер, редовно ја обвинуваше тогашната влада дека со проектот ХЕЦ Чебрен прави „продажба на националните ресурси“. Тука се оние енергетичари кои како папагали извадени од кафезот на личниот интерес говореа како што ќе им кажат во Шампитата (како познатиот стручњак за се’ – Константин Димитров) односно ќе говорат за или против начинот на пласирање на идеи во енергетиката. Веќе се готови говорите во прилог на идните „инвестиции на векот“ иако се работи за проекти правени уште во далечната 1963 година, односно пред шест децении!

Па во медиумите е присутна иронијата кон пошироката научна јавност. Да речеме кон молкот на Здружението на инженери на Република Македонија, кои во времето на СДСМ беа први при изјаснувањето во прилог на тезата на ВМРО-ДПМНЕ против проектот Чебрен. „Каде се сега? Ќе го поздрават ли новиот, „реформиран“ Чебрен – овој пат во арапско партнерство? Или пак, политичкиот калкулатор пресметал дека сега не е време за критика?“ – пишува „Либератас“.
РЕДОВНИОТ СООБРАЌАЈ КОН БУГАРИЈА Е СМРТ ЗА ПРИВАТНИТЕ БИЗНИСИ
На друга страна ги „ишнавме“ од себе проектите за кои имавме пари, како оние европските за пругата кон Бугарија. Тие пари сега во општата рецесија насекаде, па и во Европа ако не се потрошат, лесно може да испарат или да се замрзнат што ќе доведе до триење на рацете кај најблиските до власта, кумовите и шурнајковците, па и баџанаците чии бизниси се врзани, да речеме за транспортот со камиони а се регистрирани најчесто во – Петрич. Кога ќе дојдат возовите преку граница приватните камиони се разбира ќе исчезнат. Ова е само слика зошто овој проект кој барем засега требаше да донесе влог од половина милијарда евра беше одбиван со нај идиотски образложение од надлежниот министер.
Драмата околу пасивниот однос на власта кон економската криза стана поголема откако се виде дека државната каса е се попразна. Почна да се кине насекаде. Професорот Таки Фити, во споменатото гостување во Трилинг а коментирајќи ги економските состојби во земјава процени дека сме во сериозна ситуација, а ние имаме голема опасност државата да не може да обезбедува исполнување на своите обврски!
Просто Македонија е презадолжена а нејзината моќ по фискален пат да ги покрива трошоците е јасно опадната.
НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАТИ
Каква е ситуацијата во државната каса покажа јасно фактот дека пред Велигден а до крајот на рокот за исплата на плати (15 април) цели сегменти од јавната управа не зеле плата! Ова порано не се случило.
Во последен миг, на 18 април платата за март е исплатена во јавниот сектор, но без покачувањето од 12 отсто, како што е според Општиот колективен договор. Пресметан им е само повисокиот минималец. Поради ова некои вработени најавиле дека ќе тужат. Предничат оние од МВР.
(Од ССМ појаснуваат дека поради тоа што Владата до крајот на 2024 не стави потпис на Општиот колективен договор, вработените од март треба да добиваат за 12 отсто повисока плата). Во посебно компликувана ситуација се вработените во пазарниот, трудовиот инспекторат и Министерството за економија кои воопшто ја немаа добиено платата за март. Наводно се работело за технички проблем кој настанал со преземањето на двата инспекторати од Министерството за економија и труд. Најголемиот полициски синдикат поднесува тужба заради неисполнети обврски на работодавачот кон вработените! И исплатите кон социјалните случаи доцнат со месеци, како и оние обврски кои треба да ги исполни МОН
Многу се остри реакциите кон министерот за култура Љутков, кој оставил над 3.000 културни работници без плата пред Велигден (револтот е и заради распродажба на културното наследство под концесија).
– Ова е дното, ова е институционалната негрижа за културата, за културните работници и за нашето културно наследство. Сака ли ДПМНЕ македонските свети места да завршат во туѓи портфолија само за некој лично да профитира? Ова ли е новото нормално со разнебитување на културата?, велат од СДСМ. За вторник 22 април е најавен и протест на вработените во културата пред Владата
… А КАЈ ПЕНЗИИТЕ ИМА ГОЛЕМ „ЦУРИК“
Јасно е дека државата – очекувано, рака на срце – почна да се одрекува од своите предизборни ветувања. Пензиите се едни од оние на кои таа доби повеќе стотини илјади гласови на претседателските и парламентарни избори. Понуди нешто што не смееше да помисли да го нуди – линерано зголемување на пензиите за5.000 денари по корисник. Таа мамка ја повлече веднаш после завршените избори – се дадоа зголемува од 2.500 денари на два пати ама тоа секако не е исто, тоа би го пресметал и основец.
Просто, се покажа дека е лесно да ветиш, ама не се кажа од каде ќе се најдат пари и за исплатените два пати по 2.500 денари.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова во изјави за медиумите своевремено ја посочи потребата да се има предвид финансиската одржливост на пензискиот фонд заради редовната исплата на пензиите.
„Најважно, за еден пензиски систем е самиот да се финансира без да бара средства од надвор. Што се однесува до најавеното линеарно усогласување треба да се регулира со измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да се утврди карактерот на усогласувањето и периодот на усогласување на пензиите“, посочи таа, а заработи вистинска хајка од страна на власта и нејзините поддржувачи меѓу некои од постарите гласачи.
Законот врз кој се базираше начинот на пресметка на пензиите сега се промени (беше секако неуставно како решение) ама сега без никаква врева Мицковски и неговиот тим се повлекоа на позициите пред мајските избори (!) – истиот Закон доживеа „цурик“ а исплата на идните зголемување (поточно усогласувања!) ќе си оди по старо. Владата само тивко си ги дигна рацете нагоре – се предаде и тоа доста брзо.
Може само да се прават обиди за пресметување колку овој популистички експеримент ќе го чини Фондот во иднина и колку тој прави голема дупка во државниот буџет, бидејќи, враќање назад во однос на вкупните обврски не е можен.
БЛАГО НА ГЛОДАРИТЕ
Со учеството на јавните приходи од 32 проценти и јавните расходи од околу 35 отсто од БДП јасно е дека слабо стоиме или државата не обезбедува доволно средства за да си ги врши нормално сите обврски, смета академик Таки Фити а сите ние, секој на своја начин, понекогаш тоа го чувствуваме.
Можеби им е полесно на земјоделците? Тие не чекаат на плати, нивата родила и сега кога сите се жалат и на цените на зелените пазари, белки ним им е подобро. По онаа – ако на некого не му се стемни на друг нема да му светне.
Додека со земјоделството управуваше онаа претходната Влада и министерот за земјоделие Николовски навистина беше доста растрчан и се чини, веројатно и заработувајќи завист од колегите во другите сектори, беше успешен во тоа да помогне во сите области. Накусо, тогашната опозиција посебно се грижеше да му најде мана во земјоделските региони. На нејзин удар главно беше секторот на оризопроизводителите, бидејќи, таму дејствуваше еден наводен синдикат, пред се активен во Чешиново и Облешево, со кого раководеше еден земјоделец за кој забележавме дека со децении не посетил стоматолог (а и веќе немаше и зошто) кој малку- малку правеше со неколку трактори прекин регионалниот пат Штип – Кочани. И успеаја: полит-комесарите ги натераа земјоделците претежно да гласаат за листата на ВМРО. Па, како им е сега – мина една жетва и откуп лани а еве се приближува и втората берба? Навистина, јас признавам дека на актуелниот министер не сум му го запомнил името, а тоа може да има врска со интензитетот на неговото дејствување на теренот.
Последниот извештај гласи дека во кочанско посеани се со ориз околу 4 илјади хектари (некогаш имало 6 илјади хектари) при што од лани во амбарите останала втората половина, благо на глодарите. Било речено дека ВМРО ќе го откупи целиот род (арпата) за стокови резерви ама од тоа ништо. Доаѓа новата жетва а каде таа, старата ќе биде стокмена? Каналите за наводнување немаат вода (знаеме колку е битно тоа за оваа култура) а Калиманци има само половина од капацитетот на вода и земјоделците можат да сметат само на рестрикции со неопходната течност. Поранешниот водач на штрајкувачите го нема или ставил нови заби, па не се забележува. Па барем да го видиме во протестите што се дозволува да се увезува ориз од странство и тој да се препакува како – кочански! Оние кои даваат изјави деновиве велат дека за следната жетва ќе бидат посеани само две илјади хектари – ете каде се спуштивме, а кочанско со ориз ја хранеше некогаш цела Југославија.
И генерално аграрот бележи пад во своето учество во БДП и тоа е и сега случај „ Падот не е мал, достигнал вртоглави вредности под 12 проценти а овој алармантен податок кажува дека „учеството на овој сектор во вкупната економија се намалува не само релативно, туку и апсолутно“, објаснува економскиот експерт Здравко Савески, за порталот Пари.
Патем, последните извештаи велат дека заради климатските промени на пазарите не треба да се смета на ресенското јаболко и на праските од Росоман. А лошата состојба ќе се одрази и врз производството на мед.
Ова е сликата која се бележи во економијата и која сигурно ја замислува власта пред есенските локални избори. За успехот на коалицијата ВМРО ДПМНЕ-ВЛЕН- ЗНАМ сигурно ќе влијаат и турбуленциите меѓу нив што се се’ повидливи а да не ги заборавиме и се позачестените скандали кои јавното мислење го прават се понервозно. Ова резултира и преку немањето на „три чисти“ кај владините функционери да излегуваат на мегдан пред поширока публика. За тие сегменти од трката за успех на локалните избори наскоро.