Европската комисија донесе одлука да обезбеди дополнителни три милијарди евра за поддршка на земјите членки на ЕУ во спроведувањето на Пактот за миграција и азил и за сместување на бегалците од Украина, најави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
– Со задоволство денеска објавувам дека ќе обезбедиме дополнителни три милијарди евра. Со Пактот, ќе имаме посилни надворешни граници, подобри начини за спречување на внатрешните движења и што е многу важно, и побрзи процедури за азил, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц по нивната средба.
Фон дер Лајен нагласи дека миграцијата е заеднички европски предизвик и затоа е потребно заедничко европско решение.
– Во тој дух го договоривме Пактот за миграција и азил. Сега е важно да се спроведе, да се оствари. А ова доаѓа заедно со инвестиции и многу напорна работа, рече претседателката на ЕК.
Таа додаде дека како резултат на партнерството на ЕУ со соседните земји, годинава бројот на илегални мигранти што доаѓаат во Унијата е намален за 30 отсто, но дека треба да се работи и на забрзување на процедурата за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени.
– Се на се, докажавме дека заедно можеме да го надминеме предизвикот на илегалната миграција и верувам дека можеме да продолжиме да го правиме тоа ако работиме заедно со целосно почитување на договореното законодавство, додаде Фон дер Лајен.
Во однос на одлуката на Германија за враќање на илегалните мигранти на нејзините граници, Фон дер Лајен рече дека земјите членки можат да воведат контроли на внатрешните граници, но тоа мора да биде во рамките на законските правила и на временски ограничен период, како и во координација со Европската комисија и со соседните држави.
– Дилемата што ја имаме во моментов, е поради, ако можам така да ја наречам „старата правна рамка“. Оваа правна рамка имаше и има свои недостатоци. Тоа е причината зошто се согласивме за новиот Пакт за азил и миграција, кој нуди поинакви решенија на овие теми. Прво, многу повеќе ги зајакнува заедничките европски надворешни граници и воведува унифициран пристап кон условите за влез во Европската Унија и, второ, го разјаснува баланс во рамките на ЕУ помеѓу одговорноста и солидарноста, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека затоа мора да се забрза имплементацијата на новиот Пакт за миграција, со кој ќе се решат многу од отворените прашања поврзани со мигрантите.
Мерц, пак, рече дека со својата одлука Германија не сакаме да го ограничи прекуграничниот сообраќај или да предизвика проблеми во неговото одвивање, но дека земјите членки на ЕУ, генерално имаат можност да спроведуваат гранични контроли и го прават тоа.
– Јас сум поддржувач на единствениот европски пазар и особено на Шенген зоната. Придобивката што ја имаме од Шенген зоната е огромна и сакаме да ја одржиме, рече Мерц.
Сепак, според него, потребно е да се реши проблемот со приливот на илегални мигранти, па затоа Германија вчера објави мерки за справување со него, за кои како што рече, верува дека се исправни и правно издржани.
Фон дер Лајен информираше дека со Мерц разговарале и за состојбата во Украина, при што нагласи дека е важно да се имплементира 30-дневниот прекин на огнот што го предложија претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
– Прво и најважно, мислам дека е важно да биде прифатен и имплементиран. Во исто време, се согласуваме дека мора да ја зајакнеме позицијата на Украина. Ова вклучува понатамошна економска, воена и политичка поддршка. Нагласуваме дека сакаме да постигнеме праведен и траен мир, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека поврзано со тоа е и темата за зголемување на трошоците за одбрана во Европската Унија, потсетувајќи дека со иницијативата „Подготвеност 2030“ ќе бидат обезбедени 150 милијарди евра позајмици за заеднички одбранбени набавки и за инвестиции во украинската одбранбена индустрија.
– Роберт Шуман би бил среќен ако го видеше Евробарометарот што покажува дека поддршката за Европската Унија кај граѓаните е на највисоко ниво досега. Мислам дека ова прашање се поставува повеќе од 40 години. Ова е чест, но исто така е и голема одговорност. Луѓето ни веруваат како се справуваме и ги решаваме големите проблеми. Не им е важно кое ниво е одговорно, дали е регионално, национално или европско ниво. Тие сакаат ние да испорачаме и да се справиме со големите предизвици, додаде Фон дер Лајен.