Српскиот претседател Александар Вучиќ денес ќе присуствува на воена парада во Москва организирана од рускиот претседател Владимир Путин, и покрај предупредувањата од Европската унија дека овој потег би можел негативно да влијае на процесот на европска интеграција на Србија, јавуваат српските медиуми.
Заедно со Вучиќ и Путин, на воената парада на Црвениот плоштад во Москва ќе учествуваат лидерите на повеќе од 20 земји, претежно оние чиј начин на владеење е опишан како авторитарен.
Од 27-те земји што се членки на Европската Унија или номинално се стремат да се приклучат на таа Унија, единствените што ќе бидат присутни со Вучиќ ќе бидат премиерот на Словачка, Роберт Фицо, и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Левичарските лидери на Кина, Бразил, Венецуела, Куба и Виетнам – Си Џинпинг, Луис Инасио Лула да Силва, Николас Мадуро, Мигел Дијаз-Канел и То Лам – ќе бидат на парадата по повод Победата над фашизмот во Втората светска војна, најголемиот секуларен празник во Русија.
Меѓу гостите ќе бидат претседателите на Египет, Белорусија и Азербејџан – Абдел Фатах ел-Сиси, Александар Лукашенко и Илхам Алиев, како и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.
Претседателите на петте поранешни советски републики од Централна Азија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан – Касим Зомарт Токаев, Садир Жапаров, Емомали Рахмон, Сердар Бердимухамедов и Шавкат Мирзијоев – исто така ќе бидат на парадата.
Путин синоќа ги пречека гостите во Кремљ, а Вучиќ објави видео на Инстаграм на кое се ракува со рускиот лидер.
„Путин само рече, пристигна! Мојот одговор беше, ви благодарам за гостопримството и среќен празник“, напиша Вучиќ.
Игнорирајќи ги предупредувањата од Европската Унија, Вучиќ отпатува за Москва на 7 мај, каде што на аеродромот го пречека рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко.
Вучиќ рече дека стигнал до Москва преку Бугарија, Турција и Азербејџан, бидејќи Латвија и Литванија не му дозволиле да прелета.
Заминувањето на Вучиќ во Русија беше доведено во прашање поради повикот од Европската Унија да не го прави тоа, иако тој цело време велеше дека ќе оди во Москва бидејќи му го ветил тоа на Путин пред осум месеци.
По вчерашниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија, шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека оние кои навистина сакаат мир во Украина „не можат да стојат рамо до рамо“ со Путин на 9 мај, туку се должни да бидат во Кијив.
Д. Т. / Цивил Медиа