Вечерва, на 17 мај, Евровизија 2025 ќе го доживее своето големо финале во Базел, Швајцарија. На сцената на St. Jakobshalle ќе настапат 26 земји, а фаворитите се веќе јасни, но Евровизија секогаш знае да изненади.
Главни фаворити за победа
Шведска се издвојува како водечки фаворит со песната “Bara Bada Bastu” од групата KAJ. Оваа весела и заразна песна со сауна-тема и хумористичен настап доби позитивни критики за својата уникатност и енергичност.
Естонија со ексцентричниот рапер и визуелен артист Томи Кеш со песната “Espresso Macchiato” донесе на сцената енергичен настап исполнет со италијански клишеа и танцувачки ритам, што го направи еден од најзабележителните изведувачи на годинешното натпреварување. Некои велат дека настапот е пародија за Трамп.
Шпанската претставничка Мелоди на евровизиската сцена со моќна порака за женската сила и самодоверба. Песната “Esa Diva” е химна за женската моќ, опишувајќи ја дивата како храбра и силна жена која не се потпира на слава или богатство, туку на внатрешната сила и способноста да ги надмине предизвиците.
Австрија се надева на победа со “Wasted Love” од JJ, австриско-филипински пејач со моќен глас и емотивна баладо-опера. Неговата изведба е пофалена за вокалната сила и сценскиот настап.
Франција се претставува со “Maman” од Louane, емотивна балада посветена на нејзината мајка. Песната е пофалена за својата искреност и длабочина.
Финска со Erika Vikman и песната “Ich Komme” привлекува внимание со својот провокативен настап и енергична изведба.
Албанија се истакнува со “Zjerm”, песна која комбинира балкански фолклор со електронски елементи, добивајќи пофалби за својата оригиналност и сценски настап.
Швајцарија: Домаќинот со свој фаворит
Швајцарија, како домаќин, ќе ја претставува Zoë Më со песната “Voyage“. Изборот на Zoë Më беше резултат на темелен процес со над 400 пријави, оценувани од швајцарски и на меѓународни панели.
Пикантерии и контроверзии
Израел се најде во центарот на контроверзии поради политичката ситуација. Настапот на Yuval Raphael со песната “New Day Will Rise” беше проследен со негодување од дел од публиката, иако тоа не беше прикажано на телевизија.
Малта привлече внимание со песната “Kant” од Miriana Conte, која поради сличноста на насловот со англиски вулгаризам беше преименувана во “Serving”. Оваа промена предизвика реакции во Малта, но и зголемен интерес за песната.
Големото финале на Евровизија 2025 ќе се емитува вечерва во 21:00 часот по средноевропско време. Можете да го следите преку националниот сервис МРТВ или онлајн преку официјалната страница на Евровизија.
Кој ќе ја однесе победата? Останува да видиме!
Ј. Ѓ.
Прочитајте и…