Младите генерации во Северна Македонија денес се движат низ културен раскол: од една страна, растат во општество каде етничката припадност сè уште игра пресудна улога во политиката и јавниот живот; од друга страна, преку интернет и глобалните медиуми, тие се дел од свет што промовира различност, толеранција и отвореност.
Ова го порача потпретседателката на СДСМ и универзитетска професорка, Ана Чупескаво интервју за списанието „Предизвици“.
„Тие живеат со контрадикторни пораки. Додека реалноста им ја покажува културната разновидност како факт и богатство, локалните медиуми и политички дискурси често ја претставуваат како закана или проблем“, вели Чуеска.
Таа укажува дека младите се во состојба на амбиваленција – тие сакаат промени, но се обременети со традиционални наративи кои ја повторуваат логиката на поделби.
Медиумите, образовниот систем и јавните институции, според неа, имаат одговорност да не ги репродуцираат стереотипите, туку да отворат простор за критичко размислување и дијалог. Особено важно е тоа што младите, иако изложени на популистичка реторика, имаат потенцијал да изградат нови форми на граѓанство, над етничките линии.
„Младите не се проблемот, туку шансата. Но за да ја искористиме таа шанса, мораме да ги заштитиме од политичката злоупотреба и да им дадеме алатки за критичко размислување и активно учество“, порачува професорката.