Импозантната биста на пејачот на легендарната рок-група „The Doors“, дело на хрватскиот скулптор Младен Микулина, била сосема случајно пронајдена при претрес што го спровела Финансиската и антикорупциска единица на Криминалистичката полиција на Париз, како дел од истрага за измама. Ова го потврди париското обвинителство за RTL France.
INFO RTL – Le buste de Jim Morrison, disparu depuis 1988, retrouvé par hasard en marge d’une enquête pour escroquerie https://t.co/A4cT7RUjrT
— RTL France (@RTLFrance) May 18, 2025
Според објавената фотографија од полицијата, бистата изгледа зачудувачки добро сочувана – речиси идентична на изгледот што го имала пред 37 години.
Ова култно дело било поставено на 3 јули 1981 година, по повод десетгодишнината од смртта на Морисон, и седум години стоело на неговиот гроб на гробиштата Пер-Лашез во Париз. Илјадници фанови ја фотографирале бистата, сè до нејзиното мистериозно исчезнување една мајска ноќ во 1988 година – настан кој со години предизвикуваше шпекулации и теории.
Нејзиното неочекувано повторно појавување сигурно ќе разбуди нови интереси и сомнежи, особено бидејќи истражителите засега не откриваат кој бил во посед на скулптурата.
Ј. Ѓ.