Голема операција против меѓународна трговија со дрога доведе до апсење на 52 лица меѓу Италија и Албанија, пишуваат албанските медиуми. Вмешана и полицијата, а конфискувани се три милиони евра.
Во Косово денеска ниту по деветнаесеттиот обид, не се конституираше собранието, јавуваат косовските медиуми.
Во продолжение се поместени содржините од денешниот редакциски избор на ЦивилМедиа од албанските медиуми во регионот.
АЛБАНИЈА
Топ чанел – Мегаоперација на СПАК и италијанската анти-мафија против трговија со дрога, уапсени 52 лица
Голема операција против меѓународна трговија со дрога доведе до апсење на 52 лица меѓу Италија и Албанија.
Рацијата ја извршија Дирекцијата за истраги против мафија во Бари и албанските власти, со помош на Интерпол, Канцеларијата на безбедносни експерти во Тирана и албанската полиција, во координација на Евроџаст (Хаг) и Националната дирекција за борба против мафија и тероризам во Рим, пренесе Топ чанел.
АБЦ: Ги изгуби изборите, се жали до САД/ Бериша и ДП, писмо до Министерството за правда на САД
Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, се жали во САД за поразот на изборите.
Преку лобистичката компанија, на која ѝ беа исплатени 6 милиони долари, беше испратено писмо до Министерството за правда на САД.
„ДП бара САД да не ги признаат изборите од 11 мај. Досега имаме потврда за резултатите од ЦИК за регионот Кукс. Најверојатно, ова ќе продолжи и за другите региони. Овој документ е регистриран во САД на 16 мај, 5 дена по одржувањето на изборите. Станува збор за лобистичка компанија која платила 6 милиони долари. Истата компанија која лобираше 3 пати за виза за Бериша, но не беше прифатена. Оваа лобистичка компанија ќе се занимава со прашањето за изборите на 11 мај“, објави новинарот Андон Кело, пренесе АБЦ.
Клан: Албанија во ЕУ- утре се отвора третото поглавје во преговорите
За помалку од еден месец, Европската Унија ќе ја одржи петтата меѓувладина конференција со Албанија во четврток во Брисел, јавува Клан.
Станува збор за отворање преговори за осум нови поглавја од третата група, која е поврзана со конкурентноста и инклузивниот раст.
Овие поглавја вклучуваат економска политика, вработување, оданочување, образование и култура, царинска унија, како и медиуми и дигитална трансформација.
Напредокот во овие области е од суштинско значење за да се гарантира фискалната стабилност на Албанија, даночната политика, индустриската модернизација, зголемените иновации, подобрените услови за работа и учеството во европските иницијативи во научните истражувања, образованието и дигитализацијата, како и растот на албанските бизниси.
КОСОВО
Балкан веб: Дури и 19-тиот обид не успеа да го деблокира косовското собрание, следната седница ќе се одржи на 23 мај
Пратениците на косовското собрание не успеаја по деветнаесетти пат по ред да го конституираат деветтиот парламентарен состав, како резултат на изборите во февруари.
Денеска, пратениците по единаесетти пат по ред одбија да формираат комисија која ќе го надгледува тајното гласање за новиот шеф на законодавното тело – според предлогот даден на 1 мај од страна на претседателот на седницата, Авни Дехари, откако кандидатката на Движењето Самоопределување (ЛВВ) за претседател на Собранието, Албулена Хаџиу, не успеа на неколку гласања да ги добие 61 глас потребни за да биде потврдена на функцијата, пренесе Балкан веб.
КОЛУМНА
Коха: „Романија се спаси уште еднаш…“
„Романски политиколог за еден швајцарски весник изјавил: „Ние сме усно друштво, нелитературно друштво. Бројот на читатели на весници е сличен на оној од 1915 година, што е изненадувачки континуитет.“ Во исто време, Романија е земјата со најдлабока пенетрација на TikTok во Европа. Ова е фатално: ако во 2025 година толку луѓе во една земја читаат квалитетни информации како во 1915 година, тогаш судбината на едно општество станува жртва на алгоритмите на TikTok и бескрупулозните „мајстори“ за генерирање кликови.
Што ни кажува овој развој на настаните, за што нè предупредува? Ако политичка класа континуирано ја ограбува земјата и ако гласачите не гледаат разлика меѓу партиите, ако единствената конкуренција е конкуренцијата на корупцијата, тогаш еден ден гласачите стануваат (и)рационални и поддржуваат политички експерименти, на пример, доверувајќи ја судбината на земјата на политичари кои немаат никакво познавање од политиката, туку имаат криминален талент за манипулирање и ветување брзи решенија.
Секој што се занимава со политика, со Res publica, односно со јавни работи, треба особено да има предвид едно нешто: кредибилитетот. Лесно е да се изгуби, тешко е да се победи. Особено кога елитата станува корумпирана, а во конкуренција влегува анти-елитата на едноставните рецепти.
Романија се спаси уште еднаш, благодарение на граѓанската мобилизација. Но, демократијата во Романија е сè уште под закана. И, мора да се повтори, причината е оваа: долгогодишната корупција на политичката класа. Застрашувачки пример и за другите земји.“, пишува Авторот Енвер Робели во колумната „Романија уште еднаш се спаси…“, објавена во косовскиот дневник Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа