На Европската комисија не и е познато кои земји се поканети да учествуваат на собир во Москва следната недела, но останува на својот претходен став дека не треба да и се дава легитимитет на руската инвазија врз Украина со прифаќање на какви било покани од страна на Русија, изјави денеска портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Изјавата на Хипер беше одговор на новинарско прашање за ставот на Еврокомисијата за најавената т.н. Безбедносната конференција во Москва од 27 до 29 мај, на која според тврдењата на руските власти се поканети околу 150 земји, меѓу кои и „непријателски држави“.
– Нашата позиција е јасна. Високата претставничка ја изнесе во врска со парадата на 9 мај во Москва, што преформулирано би гласела дека не треба да се дава каков било легитимитет на (рускиот претседател Владимир) Путин и на Москва и треба да останеме единствени и да не прифаќаме никакви покани од руските власти, рече Хипер.
Таа додаде дека секоја земја членка и држава кандидат за членство треба да ги почитува политиките на ЕУ во овој поглед, вклучително и за какви било билатерални односи со Москва.
– Русија е агресор и не треба да биде наградена со апсолутно ништо, освен со поголем притисок и зајакнати санкции, додаде Хипер.