Пишува: КАИ ГЛАДКОВА
Кој е одговорот на прашањето: Колку родови има?
Одговорот е прилично едноставен, но како познат „јадач на бубрези“ што „многу философира“, и овој пат решив да фатам мала D-тура.
Ако сте ја читале Автостоперски водич низ галаксијата, можеби се сеќавате на една славна сцена, кога ќе направат суперкомпјутер со име Deep Thought и ќе му постават прашање: „Која е смислата на животот, универзумот и сè?“ Компјутерот, чувствувајќи дека прашањето заслужува тежина, процесира цели 7.5 милиони години и конечно, одважено одговара: 42.
Колку убав одговор! Цел, двоцифрен, парен број. Едноставен, лесен за памтење, одличен ако сакате да си легнете и веднаш да заспиете. А и што друго можете да правите со овој одговор? Ако ме послушате мене, има што да се прави, а тоа е да го земете овој број и да си го пикнете онаму од каде што излегло и прашањето: во г*зот.
Зошто велам „од г*зот“? Затоа што прашањата кои имаат за цел да добијат лесен и едноставен одговор за толку комплексна и широка тема (која може само да се отвора, а не да се затвора) не може да излезат од друго место освен оттаму.
Ајде да видиме сега кој е одговорот на прашањето „Колку родови има?“
Различни извори ќе ви дадат различен одговор. Некои велат 2 (едноставен, едноцифрен парен број), некои 3 (непарен број што малку комплицира, но лесен за памтење). Јас велам дека одговорот е 42 – не затоа што навистина мислам дека се 42, туку за да ви се склопи со другата 42, кога и оваа ќе си ја пикнете онаму каде што ви реков да ја пикнете првата. А потоа земете го прашањето – и него ставете го таму. Сега соберете ги сите, и со малку проста математика ќе го имате правиот одговор: Во вашиот задник има 84 рода и едно глупо прашање.
„Зошто сета оваа вулгарност, Каи?“
Затоа што секојпат кога некој го поставува прашањето „Колку родови има?“ со тој невин тон, како да купува јајца на пазар, не се работи за обична љубопитност. Се работи за желба за ред. За контрола. За сведување на хаосот на животот, желбата, телото, на нешто мерливо, избројливо, управливо. А тоа е секогаш насилно. Затоа, кога ме прашуваат „колку родови има“, го упатувам прашањето назад кон г*зот – затоа што таму и припаѓаат прашања што сакаат од комплексноста на човечкото постоење да направат табела во Excel.
Родот, драги мои, не е кутија во која се ставаат луѓе според тоа дали имаат „онаа ствар“ или „онаа другата ствар“. Родот е, како што нè учат феминистките – општествен однос, систем на норми, режим на регулација на телата. Родот се формира во секојдневниот контакт со норми, погледи, институции, приказни и стравови. Родот не е „еден“, „два“ или „четириесет и два“, туку е нешто што се случува, што се менува, што е во релација со моќта и историјата. Не е број, особено не цел и затворен број – туку политички договор и преговор за тоа како ќе ги живееме нашите животи.
Ниту еден одговор на ова прашање нема да објасни зошто некој е експлоатиран, а некој експлоатира? Зошто некој силува, а некој е силуван? Или зошто некој може да моча во првата грмушка на патот, а некој не смее да влезе ниту во јавен тоалет?
Прашањето „Колку родови има?“е поттикнато од параноичен страв, има за цел да ги затвори овие теми. Затоа без двоумење го нарекувам силеџиско, фашистичко прашање.
Ако сакате историски пример: Хајнрих Химлер (еден од архитектите на нацистичките злосторства) педантно броел сè: колку пати јадел, колку пати какал, кога ја бакнал жена му и колку милји изодел. Не затоа што бил љубопитен, туку затоа што контролата над сопственото тело и над телата на другите била дел од неговиот идеолошки поредок. Контрола преку номерирање, контрола преку броење. Цели животи, цели универзуми, цело „сè“ сведено на банален број.
Затоа, ако некој ви го постави ова прашање, слободно кажете му да си го пикне во г*зот.
А за родот, потрудете се да поставувате прашања коишто што излегуваат од умот, со почит кон сопственото и туѓото проживеано искуство. Прашања што нема да ве остават да спиете мирно, туку ќе отвараат нови и нови прашања.