Во револуционерна студија објавена во списанието Nature, научниците открија дека материјали од јадрото на Земјата, вклучувајќи злато и други благородни метали, навистина стигнуваат до површината, пренесува Indipendent.
Анализата на вулкански карпи од Хаваи откри неочекувано високи концентрации на рутениум – елемент кој, според досегашните сознанија, требало да биде заробен длабоко во металното јадро на планетата, на над 3.000 километри под површината.
„Нашите податоци потврдуваат дека материјал од јадрото навистина се префрла во обвивката на Земјата,“ изјави коавторот на студијата Нилс Меслинг од Универзитетот во Гетинген. „Кога ги добивме првите резултати, сфативме дека – буквално – откривме злато!“
Ова откритие ја доведува во прашање претпоставката дека јадрото е целосно изолирано од остатокот од планетата. Научниците сметаат дека преку вулкански ерупции, мали количества од суперзагреан материјал од границата меѓу јадрото и обвивката можат да стигнат до површината, особено на острови како Хаваи.
Рутениумот, велат истражувачите, би можел да стане нов „трагач“ за проучување на длабоките процеси во внатрешноста на Земјата. Сепак, останува непознато дали овој процес се случувал и во минатото или е поврзан со поновите геолошки активности.
„Нашите наоди отвораат сосема нова перспектива за разбирањето на внатрешната динамика на нашата планета,“ наведуваат авторите на студијата.
Редакција Фронтлајн