Советот на ЕУ денеска ја усвои Регулативата со која се воспоставува финансискиот инструмент Безбедносна акција за Европа (СЕФЕ), вреден 150 милијарди евра, преку кој ќе бидат поддржани инвестиции во одбранбеното производство и заеднички набавки за потребите на одбраната на членките на Унијата и на државите партнери, меѓу кои е и земјава.
Целта на инструментот е да се зголемат производствените капацитети во воената индустрија, да се обезбеди опремата потребна за пополнување на одбранбените капацитети и да се зајакне целокупната одбранбена подготвеност на ЕУ. Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, преку САФЕ ќе се овозможи и поддршка за Украина од ЕУ.
По повод усвојувањето на Регулативата, полскиот министер за Европската Унија, Адам Шлапка изјави дека овој инструмент без преседан ќе ги зајакне европските одбранбени капацитети и ќе ја поддржи одбранбена индустрија во Унијата.
– Ја усвоивме првата голема програма за инвестиции во одбраната на ниво на ЕУ во вредност од 150 милијарди евра. Ова не е само успех на Претседателството, туку и на ЕУ како целина. Колку повеќе инвестираме во нашата безбедност и одбрана, толку подобро ќе ги одвратиме оние што ни посакуваат зло, порача Шлапка, чија земја е актуелен претседавач со Унијата.
Исплатата на средствата во рамките на САФЕ ќе се врши во форма на долгорочни кредити под поволни услови наменети за конкретни проекти.
Покрај членките на ЕУ, со свои проекти за финансирање од САФЕ можат да конкурираат и земјите од ЕФТА – Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, Украина, како и државите кои имаат склучено партнерства за безбедност и одбрана со Унијата, меѓу кои е и Северна Македонија.
Регулативата за САФЕ утре ќе биде објавена во Службениот весник на Европската Унија, по што таа официјално ќе стапи во сила в четврток на 29 мај.