Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во соработка со дистрибутерската куќа МЦФ, организира две специјални проекции на анимираниот филм „Поплава“ (Flow) – добитник на Оскар за најдобар анимиран филм за 2025 година.
Првата проекција ќе се одржи денеска од 18 часот во кино Манаки во Битола, а втората во сабота, 31 мај, од 18 часот во Кинотеката на Македонија во Скопје.
Филмот на латвискиот режисер Гинтс Зилбалодис освои бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Оскар, Златен глобус и наградата на Европската филмска академија, како и награда од публиката на Јадранската мрежа на фестивали.
„Поплава“ е визуелно импресивна анимација без дијалог, целосно изработена со отворениот софтвер Blender, која раскажува симболична приказна за мачка што, по уништувањето на својот дом, се приклучува на брод со различни животни во потрага по нов почеток. Филмот се одликува со силна атмосфера, поетски визуели и универзална порака за заедништво и адаптација.
Проекциите се дел од активностите на Јадранската мрежа на фестивали, иницијатива поддржана од програмата Креативна Европа – MEDIA, која има за цел да ја зближи регионалната публика со врвни филмски остварувања.