Актуелниот градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски, е официјален кандидат за градоначалник на општината од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, објави денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче на трибината „Мугра на слободата” што се одржа во центарот за култура Крива Паланка.
– Крива Паланка е една од општините која претрпе најголема трансформација во последните години, а тоа е резултат на работата на градоначалникот Сашко Митовски и денес му ја честитам кандидатурата за уште еден мандат, а јас сум сигурен и победата, истакна Филипче.
Градоначалникот Митовски претходно нагласи дека Крива Паланка се претвора во модерен и европски град, еден од најзелените и најчистите градови во Македонија.
-Крива Паланка е пример како се води град, како се слушаат граѓаните и како се создава модерна, развиена и европска општина. Во изминатите 3,5 години, во градот се реконструирани над 50 улици, изградени се нови водоводи и канализации, како и 12 нови детски катчиња, со план за уште 5. Уредени се јавни површини, мостови, пешачки патеки, речни корита, а целосно е променет ликот на градскиот кеј. Крива Паланка денес има нов Генерален урбанистички план по речиси 40 години, и првпат функционален модел за долгорочен развој – рече Митовски.
Порача дека со 100% реализација на општинскиот буџет, креиран во консултација со граѓаните, секој денар е вложен таму каде што е најпотребно.
– Вложено е во градинки, училишта, спортска инфраструктура, како и во социјална заштита – од директна поддршка за семејства во социјален ризик, до воведување на ваучери за гардероба на лица со попреченост. Отворен е и прв дневен центар за стари лица, а општината финансира и бесплатни летувања за деца од социјално загрозени семејства, додаде Митовски.
Најави и реализација на низа капитални проекти: реконструкција на главната улица, нова монтажна катна гаража со 166 паркинг места, зонско паркирање, продолжување на патот до Калин Камен и нови хотелски инвестиции.
Посебен акцент стави на инфраструктурните проекти од регионално значење.
– Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, вреден 93,7 милиони евра, е најголемата инвестиција во овој регион, заедно со рехабилитираните патишта до Деве Баир, Црцорија, Узем и Луке, со вкупна вредност од над 120 милиони евра. Ова не се проекти за поединци. Ова се инвестиции за граѓаните. Ова е нашето заедничко дело. А сега следува одлука, рече Митовски.
Градоначалникот посочи дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила Крива Паланка, а напорите за развој продолжуваат исклучиво благодарение на општинската визија и поддршката од претходната влада. Затоа, повика на мобилизација, без поделби и суети.
-Крива Паланка нема право на нова грешка. Сега не е време за експерименти. Сега е време за заштита на сè што сме изградиле и за силен нов чекор напред. Да го направиме вистинскиот избор – избор за труд, за иднина, за достоинство. Да не чекаме – туку уште вечерва, сплотени и обединети, да се вградиме во процесот што ќе значи убедлива победа. Победа што нема да биде ничија лична – туку победа на секој еден граѓанин што верува во правда, во работа и во иднина – заврши Митовски.
На трибината говореше и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски, кој рече дека слободата и победата ќе тргнат од Крива Паланка.
– Од Крива Паланка пак ќе тргне победата, како што во 2010 година освоивме резултат десет пати подобар од претходните избори, повторно од Крива Паланка ќе тргне и ќе се исправи грешката направена на осми мај и сигурен сум дека тоа ќе се случи и на локалните и на следните парламентарни избори, нагласи Николовски.
Пратеникот истакна дека ЕУ е клучна прогресивна идеја на денешницата и единствен пат кој ќе значи современа, прогресивна држава со систем кој функционира.
– Од прв ден сите ние се бориме за слобода и заедно со исто многу од вас, знаете кои процеси ги поминавме, бомби, плоштади, маршови и немаше друг начин да ги вратиме слободата и демократијата. Се боревме и ќе продолжиме да се бориме за членството во Европската унија, што е најпрогресивниот процес во денешно време. ЕУ е местото кадешто треба да бидеме и ние како СДСМ имаме јасен став, ние сме предводници на тој процес, ние го водевме тој процес и стигнавме пред портите на ЕУ. Тоа е единствениот пат да обезбедиме иднина на младите тука, во Крива Паланка и во секоја општина. Потребна ни е ЕУ за да изградиме ситем, еве сега зборуваат дека „ќе градиме систем без ЕУ, само што не сме изградиле подобар систем“, ама се случи Кочани и еве нема ниту помош, ниту поддршка од државата. Јас сум убеден дека без системот на преговори со ЕУ ние никогаш нема ништо да промениме, а бидејќи тие не тргаат по тој процес, може да замислите каква Македонија можеме да имаме ние со нив за 5 или 10 години, рече Николовски.
Нагласи дека сите процеси, членството во НАТО, првата меѓувладина конференција, отворањето на скрининг-процесот, меѓуетнички соживот, сите значајни одлуки ги донесе СДСМ. Затоа СДСМ е државотворна партија.