Второпласираниот во генералниот пласман во Формула 1, британскиот возач Ландо Норис од Мекларен оцени дека е „несериозно“ да се исклучи Холанѓанецот Макс Верстапен од трката за светската титула.
„Математички гледано, речиси сите возачи сè уште можат да го освојат шампионатот. Значи, ако мислите дека е само до Оскар (Пјастри) и мене, мислам дека е малку смешно. Сè уште има многу можности. Макс сè уште може да победи. Мислам дека и Ферари има шанса“, рече актуелниот вицешампион на прес-конференцијата пред Големата награда на Шпанија.
По една третина од сезоната, Пјастри води во генералниот пласман со три бодови предност пред Норис, додека четирикратниот светски првак Верстапен заостанува 25 бодови зад Австралијанецот.
„Секој викенд се бориме против Макс. Тој беше на подиумот многу пати. Победуваше на трки. Нè победи во Имола, сосема заслужено, бидејќи беше побрз. Затоа не гледам причина зошто мислите дека сè се сведува меѓу Оскар и мене“, рече Норис.