Неколку десетици лица ангажирани со договори за дело во Клиничка болница Тетово во кругот на установата одржаа јавен протест поради неисплатени хонорари и тоа што не добиле нови договори. Според нив, станува збор за над 140 луѓе кои се ангажирани како медицински сестри и техничари, болничари и администрација, кои веќе трет месец очекуваат да добијат нов договор на дело, како и исплата на хонорари за два месеци. Се бара и трајно решение, односно нивно вработување на неопределено време.
– Нашите барања се да ни се даде ветеното. Јас сум шест години, работам со договор на дело, а има колешки што се и повеќе по десет години. И претходната Влада и оваа Влада ни ветуваат решенија, но ги немаме. Два месеци сме без плата, немаме договори. Мислам дека вредно работиме, и самите пациенти и колеги знаат и не поддржуваат мислам дека треба да ги добиеме решенијата што ни се ветеени долго време. Плати немаме за два месеци и немаме трпение, истакнаа медицинските сестри и другите ангажирани лица.
Тие велат дека работеле и во време на пандемијата со КОВИД и постојано се во очекување на трајното решение.
-Работиме со договор на дело без здравствено осигурување и без стаж, со прекини, договорите се некогаш на два, некогаш на шест месеци, договорите не ни биле преку целата година. Сме имале прекини. Овде сме околу 140 луѓе, медицински персонал медицински сестри, болничари, администратори, истакнаа медицинските лица на протестот.
Групата која се собра пред Ургентниот центар потоа се упати кон административната зграда на разговор со директорот Агим Бериша. Тој прими тројца претставници на кои им образложи дека чека одобрение од Министерството за финансии.
– Ние како Клиничка болница инсистираме да се реши вашиот случај. Само што не е до нас, ние сме направиле да ни одобрат од Министерство за финансии. Сме добиле одобрување од Министерство за здравство да се продолжат договорите од трети месец до 12 месец. Од Финансии уште не сме добиле, правиме напори, чекаме уште да добиеме одобрение така што ќе бидете на време исплатени, истакна Агим Бериша пред медицинските сестри и медиумите.
Според директорот во Владата се прават напори да се најде начин сите лица ангажирано со договор на дело да добијат и вработување на неопределено време.