Американскиот претседател Доналд Трамп соноќа најави дека ќе ги зголеми царините за увоз на челик од 25 на 50 отсто, јави ДПА.
Говорејќи на митинг во фабриката за челик „US Steel“ во западна Пенсилванија во близина на Питсбург, Трамп рече дека дополнителните увозни давачки ќе ја зајакнат американската челична индустрија, додавајќи дека царините се неговиот апсолутно омилен збор.
Новата американска администрација ги оправда постојните царини за челик како мерка за заштита на националната безбедност, а притоа Трамп веќе најави, се закани или спроведе бројни други царини, потсетува ДПА.
Покрај новата казнена царина од 10 отсто од вредноста на стоките за речиси целиот увоз, тој најави и специфични, повисоки царини за увоз од многу земји, а меѓу нив се и големите трговски партнери како Кина и Европската Унија.
Во моментов во САД се водат повеќе судски постапки во врска со легалноста на многу од царините на Трамп, а сè уште не се донесени конечните одлуки.
Овие дополнителни царини за увозот на челик не се засегнати од овие случаи, јавува германската агенција.
Многу трговски партнери кои Трамп ги погоди со новите царини, вклучувајќи ја и Европската Унија, веќе преговараат со неговата администрација за нови трговски договори за да ги избегнат царините.
По разговорот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во понеделникит, Трамп ги суспендираше дополнителните закани за царини од 50 отсто за увоз од ЕУ до 9 јули за да овозможи повеќе време за преговори.