Добитниците на јавниот повик за финансиска поддршка на здруженија и фондации во рамки на Програмата на Министерството за односи меѓу заедниците денеска беа објавени по завршувањето на процесот на евалуација од страна на соодветната комисија.
Како што информира Министерството за односи меѓу заедниците, Владата ја донесе одлуката за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации.
– Оваа програма на Владата на Република Северна Македонија има за цел зајакнување на партнерството со граѓанскиот сектор, кој има клучна улога во демократските процеси, креирањето на политики и изградбата на инклузивно и одржливо општество. Граѓанските организации се важни актери во промоцијата на транспарентноста, вклучувањето на граѓаните и заштитата на темелните права, придонесувајќи за социјален, културен и економски развој на земјата. Ова е значаен чекор кон зајакнување на граѓанското општество на локално и национално ниво, создавајќи поволна средина за развој на граѓанските иницијативи и подобрување на животот во нашите заедници, се вели во соопштението.
Заменик-претседател на Владата за политики на добро владеење Арбен Фетаи изразува благодарност до сите организации што аплицирале и им посакува успех во спроведувањето на своите проекти и активности.