– Ако на некого сѐ уште не му беше јасна природата на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН вчерашната седница на Советот на Град Скопје го покажа тоа во целост: тоа е коалиција на бизнис интереси и бранење на криминал. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ самите ја свикаа седницата, самите како точка на дневен ред предложија да се дискутира за дивоградбите во Скопје, но, кога сфатија дека на дневен ред ќе дојдат и скандалите во Чаир, панично ја повлекоа точката – бегајќи од вистината што ги демне. Ваквото однесување е jaсна потврда, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се ставени во заштита на урбаната мафија која го загрозува Скопје и безбедноста на неговите граѓани, изјави на прес конференција на СДСМ, Љубица Јанчева – советничка во Град Скопје.
„Колку пари вреди молкот на советниците пред незаконското градење?
Што крие Мицкоски, и кого штити Панче Тошковски кога молчи за ова?
Скопје е заложник на урбана мафија која ја штити коалицијата на Мицкоски.
Оваа коалиција ги продава јавните ресурси, ги загрозува урбанистичките стандарди и ги става животите на граѓаните во опасност.
Колку пари се доволни за да се задоволат апетитите на Мицкоски, Ганиу и Меџити и да се престане со ставање на животите на граѓаните во опасност?
Бараме итна реакција на сите надлежни институции и целосно расчистување на скандалот со 150 дивоградби.
Одговорност мора да има.
Животите на скопјани се поважни од профитите на коалицијата на власт“, изјави Јанчева.